Македонија
11. September 2018 - 16:23

Случај „Монструм“ - увид на автомобилот, клучен доказ во постапката

Обраснат во трева, без регистраски таблици, заклучен. Во ваква состојба е автомобилот Опел Омега кој е клучен доказ во случајот Монструм, сместен е во депо близу Миладиновци. Судот, обвинителството и обвинетите денеска сите заедно прв пат правеа увид на возилото со кое според обвинението побегнале сторителите на петкратното убиство кај Смилковското езеро. За целосен увид мораше да интервенира и тим на крим техника на МВР кој ги отвори заклучените врати на опелот. По што судијата Огнен Ставрев констатираше дека во автомобилот се наоѓаат регистрациите, две монети и црвен ранец. Според одбраната на обвинетите, ова возило е различно од опелот врз кој е правено вештачењето.

Адвокатот на семејствата на убиените кај Смилковското езеро пак тврди дека има совпаѓање на возилата.

Според обвинението пронајдените докази во автомобилот покажуваат дека тој на 12 април 2012 година се наоѓал кај Смилковското езеро. Еден ден подоцна е пронајден во близина на косовската граница.

Во случајот Монструм обвинети се шестмина. Двајца се недостапни за судот и се бара нивна екстрадиција од Косово. Ова е повторена судска постапка за убиството кај Смилковско езеро. Врховниот суд ги укина доживотните затворски казни и случајот го врати на повторно судење. Сега предметот е во рацете на специјалното јавно обвинителство.