Македонија
23. July 2020 - 16:42

Случај „Мавровка“: Никој не знае кој е инвеститорот на спорниот објект

Општина Чаир се уште не знае кој го гради објектот пред Трговскиот центар Мавровка. Бидејќи досега никој не го примил Решението со кое се задолжува инвеститорот да го сруши објектот, општината објавила по вторпат објавила во весник. Со тоа, од утре ќе почне да тече 8-дневниот рок во кој инвеститорот треба да го отстрани објектот.

Доколку инвеститорот не го стори тоа, тогаш општината ќе биде таа која ќе ја сруши дивоградбата.

Градоначалникот Ганиу вели дека инвеститорот не може да го легализира објектот.

-Инвеститорот е непознат бидејќи ние во моментот кога сме донеле решение што требаше тој да го прими во рок од 8 дена да го сруши објектот на лице место немаше никој да го прими и луѓето што таму градеа и кои ние ги прекинавме, ниту еден од нив не ни дадоа податоци, туку тие не беа инвеститори, туку работници, вели Ганиу.

-Единствена можност, како што рече и градоначалникот, инвеститорот да достави барање и да го изгради, односно да го врати објектот во првобитната состојба, согласно Законот за градење, вели правничката во општина Чаир, Арта Фазлиу Салиху.

Во меѓувреме, веќе два дена се прекинати градежните работи на објектот пред Мавровка. На ова место до лани постоеше кафулето Фонтана кое изгоре во пожар. Наместо тенда од времен карактер, на местото никнаа столбови широки еден метар кои се поставени на цврста бетонска подлога.

Скопскиот градоначалникот Шилегов вчера рече дека по формирањето на новата Влада ќе бара Град Скопје да ги добие ингеренциите врз градежниот инспекторат за да може да се контролира работата на општините и да се спречи урбаното дивеење во главниот град.