Балкан
30. April 2020 - 10:50

Словенија на 18 мај почнува со постепено отворање на училиштата и градинките

Словенија најави дека од 18 мај почнува со постепено враќање на образовниот процес во нормала.

Владата реши најпрво ќе се отворат градинките и училиштата, но само за некои одделенија. Според министерката за образование Симона Костец, во овој момент интензивно се работи на создавање услови за безбедно одвивање на наставата во училиштата, но и за престој на децата во градинките.

– Најпрво ќе ги отвориме градинките и основните училишта за најниските одделенија. Меѓу првите во редовна настава ќе се вратат и учениците кои имаат завршен испит или матура, изјави Костец за Поп ТВ.

Министерката најави дека за сите други ученици, учебната година ќе заврши со предавањата преку интернет. Заводот за образование предложи учениците кои работат од дома да не бидат класично оценува, односно преку семенарски трудови и практични задачи да биде утврдено колку совладале од предвидениот материјал.

Поради епидемијата на коронавирусот образовниот процес во Словенија беше стопиран на 16 март, кога со одлука на Владата беа затворени сите училишта и градинки.