Балкан
7. April 2020 - 12:31

Словенија ќе постави ограда со жилет-жица на границата со Хрватска

Словенечката влада потврди дека планира да постави дополнителни 40 километри „противмигрантска“ ограда на јужната граница со Хрватска до крајот на годинава, но поради тајноста на постапката, не открива на кои места точно ќе биде, ниту во кој временски период ќе се направи, пишува љубљанско „Дело“.

„Полицијата со цел да ги спречи нелегалните премини и да ги насочи овие миграции, поставува привремени гранични препреки во согласност со заклучоците на владата,кои се чуваат во тајност затоа што се важни оперативни податоци“, изјави за „Дело“ словенечкото Министерство за внатрешни работи, додавајќи дека откривањето на податоците ќе наштети на работењето на органите.

Според ХРТ, не е тајна дека владата поставила план до крајот на годината да постави уште 40 километри панелна ограда со т.н. V-надградба заедно со сегашните 196 километри ограда спрема границата со Хрватска, од кои 116 километри се ограда со жилет-жица и 80 километри панелна ограда, пишува словенечкиот весник.

Владата на премиерот Јанез Јанша, пак, вели дека ова не е нова јавна набавка за дополнителна ограда, туку исполнување на договорот потпишан со една компанија од Србија во август 2019 година од претходната влада на Марјан Шарец.

Новиот министер за внатрешни работи Алеш Хојс потврди дека се планира поставување ограда спрема Хрватска, толкувајќи го тоа како потреба за заштита на Словенија од потенцијални илегални мигранти, особено од БиХ, каде што илјадници мигранти се сместени во несоодветни центри, а не е познато дали можеби биле заразени со коронавирусот.