Свет
12. March 2018 - 11:59

Словачкиот министер за внатрешни работи најави оставка од функцијата

Министерот за внатрешни работи на Словачка, Роберт Калињак, по антивладините протести организирани ширум земјата поради убиството на новинарот Јан Куциак и неговата вереница, денеска најави дека ќе поднесе оставка.

- Постои само едно решение, а тоа е да се истражи убиството... Тоа е она што ни е најпотребно. Меѓутоа, во меѓувреме се заостри ситуацијата, посочи Калињак.

Малцинскиот партнер во коалициската влада на премиерот Роберт Фицо, партијата на етничките Унгарци, Мост-Хид, претходно побара Калињак да поднесе оставка.

Калињак им се заблагодари на учесниците на протестниот марш орджан во петокот, како и на полицијата, што се помина без инциденти.

Словачка протести

Десетици илјади луѓе во петокот протестираа во Братислава и другите словачки градови барајќи темелна истрага за убиството на новинарот Јан Куциак и неговата вереница и оставка од премиерот Роберт Фицо. 

Тоа беа најголеми протести во Словачка од Кадифената револуција во 1989 година, што доведе до пад на комунистичкиот режим.

Организаторите на протестите побараа во истрагата за убиството на новинарот Куциак да се вклучат и странски експерти, но бараат и нова истрага во која нема да учествуваат лица поврзани со организираниот криминал и корупција.

Словачкиот премиер Фицо изјави дека американскиот милијардер со унгарско потекло Џорџ Сорос би можел да биде вмешан во протестите по убиството на Куциак и неговата веренца. Тој истакна дека има информации оти на протестите би можело да избие насилство.

Фицо, претседателот на Словачка, Андреј Киска и претседателот на Парламентот Андреј Данко не успејаа да се договорат за заедничка декларација со која би се смирила ситуацијата во Словачка по убиството на новинарот. По нивниот состанок, Данко изјави дека не можеле да се договорат за единствена верзија на говорот.

Јан Куциак

Телото на 27-годишниот Куциак и неговата девојка Мартина Кушнирова беа пронајдени со прострелни рани на 25 февруари во нивниот дом.

Куциак ги истражуваше активностите на италијанската мафија во Словачка и нејзините врски со лицата блиски до премиерот Фицо. Тој во последниот незавршен текст ги опишува активностите на членовите на криминалната организација Ндрангета во источна Словачка и поврзаноста на еден од нив со соработник на Фицо, како и на другите соработници на словачкиот премиер.

Американското Федерално истражно биро (ФБИ), британскито Скотланд јард и Европол и помагаат на словачката полиција во истрагата за убиството на новинарот.