Македонија
26. July 2017 - 14:55

Словачката амбасада донираше санитетско возило за Итната помош во Куманово

Службата за Итна помош Куманово денеска доби ново санитетско возило од Словачката амбасада. На предавањето на возилото присуствуваа надлежните од Здравствениот дом Куманово, претставници на локалната самоуправа и амбасадорот на Словачка Мартин Безак.
 
Според надлежните од Здравствениот дом, под чија ингеренција е службата на Итна помош, со возилото ќе се подобри квалитетот на услугите кон граѓаните  од Куманово и соседните општини.
 
- Во име на Здравствен дом и во мое лично име голема благодарност до народот на Република Словачка, до Владата на Република Словачка и до амбасадорот. Ова возило  ни значи многу со оглед  на  бројот на пациентите во регионот. Возилото е добредојдено во служба на здравјето и превенцијата и за брзо транспортирање на пациентите, изјави Миомир Панковски, директор на Здравствен дом Куманово.
 
За донацијата се заблагодари и градоначалникот на општина Куманово Зоран Дамјановски, кој изрази благодарност и за поддршката што амбасадорот и ја дава на Македонија на нејзиниот европски пат.
 
Амбасадорот Безак истакна дека продолжуваат со проектот за доопремување на јавните здравствени установи во Македонија, потсетувајќи дека пред две години донирале возило  во Здравствениот дом Скопје, потоа во Битола и денеска во Куманово. Тој се заблагодари и на приватната словачка компанија која го обезбедила возилото.
 
- Финансиите ги обезбеди Словачката амбасада, добиваме често прашање која е вредноста на донацијата. Мојот одговор е ако ова амбулантно возило спаси еден човечки живот, вредноста е непроценлива, изјави амбасадорот Безак.
 
Кумановската служба за Итна служба располага со пет санитетески возила и 14 лесни, кои се употребуваат за патронажната служба, за вакцинација, домашна посета.
 
Директорот Панковски рече дека во Итна помош Куманово се вработени 12 лекари, а се екипрани и со друг персонал кој им дава услуги на граѓаните на Куманово, Липково и Старо Нагоричане. Реонот опфаќа приближно 150.000 граѓани.