Македонија
29. September 2018 - 17:49

Слониците Дуња и Даела ја наполнија скопската Зоолошка градина

Слониците Дуња и Даела се новите жители во зоолошката градина во Скопје. По 26 години љубителите на животни повторно може да уживаат во друштво на слониците, кои се сместени во ново живеалиште со отворен и затворен дел, изградено по најсовремени стандарди.

“Дуња и Даела се слончиња кои целиот свој живот го поминале во циркус. Тие биле дел од циркусот “Максимум”, каде што биле донесени уште од бебиња. Таму знаете каков е циркускиот живот. Слоновите сепак, не се среќни таму. Но, еве, конечно може да кажеме дека ќе здивнат и дека овде, во Скопје, ќе имаат еден мирен пензионерски живот”, изјави Тина Мицковска, портпаролка на Зоолошката градина Скопје.

Откако ЕУ забрани животните да бидат дел од циркуси, тие живееја во зоолошка во Белгија, од каде допатуваа во Скопје.

Овие две слоници се од различен вид. Дуња е азиска слоница, има 48 години и е најголемата во Европа. Даела е африканска слоница, но не обична, туку шумска слоница. Таа има 30 години.

“Двете се најдобри другарки. Тоа е интересен податок за нив. Тие живееле заедно во циркусот и се неразделни. Асоцијални се со други слонови, но затоа меѓусебно одлично се разбираат. И се надевам дека и посетителите ќе ги чуваат исто како нас, нема да ги вознемируваат и нема да се обидуваат да ги хранат”, апелира Мицковска.

Зоолошката градина денеска угости повеќе од 10.000 посетители.