Бизнис
16. August 2018 - 16:42

Сливарите најавуваат радикализирање на протестите

Тешко е кога нема, а уште потешко кога има во изобилие. Годинашниот богат род на сини сливи, по се изгледа ќе скапува по нивите, а сливарите ќе останат со кратки ракави. Одлуката на Владата од пред два дена да ги стимулира само откупувачите со по 2 денари за килограм откупени индустриски и свежи слива, ги стави во втор план производителите и ја доведе во прашање нивната егзистенција.

- Капитулираме. Борч сме по сите земјоделски аптеки, таму од каде земаме ѓубриво и сега ако не ја продадеме сливата догодина ќе немаме ни што да работиме.

Поради тоа што бербата доцни, а 50 % од родот е паднат на земја, тие бараа да бидат обештетени од Владата, но ова прашање веројатно не е дошло ниту на дневен ред.

- Владата мора да најде начин да ги надомести тие штети, така што ние и предложивме да дадат по 5 денари по килограм. Значи, да се излезе на терен и да се направи проценка.

Денеска во телефонски разговор со сливарите ни беше речено дека само прашање на ден е кога ќе излезат и ќе ги радикализираат протестите, затоа што повеќе немаат што да изгубат.