Македонија
24. November 2015 - 16:20

Слика од терен: Мирно на македонската граница

На јужната гранична линија денеска е мирно. Состојбата со мигрантите е стабилна и под целосна контрола. Просторот на македонска страна е скоро празен додека на грчка и понатаму се наоѓаат околу 200 мигранти кои не отстапуваат од нивната намера да продолжат со патувањето.

За разлика од нив поголемиот дел  економските мигранти кои пред неколку дена од страна на Грција беа транспортирани до јужната граница  вчера одлучија да се вратат назад. Најголемиот дел од тие што останаа и доаѓаат од Мароко, Иран и Бангладеш, велат нивната намера била да стасаат до некоја од западноевропските земји.

-Јас сум од Мароко. Одам во Германија за подобар живот. Во Мароко имавме живот, но немаме шанси за нешто подобро - вели мигрант од Мароко.

-Ние сме од Бангладеш. И економската и политичката состојба во нашата држава е многу лоша и затоа неможеме да се вратиме назад. Сакаме да одиме во Германија, некои планираат во Данска, а некои во Финска,вели мигрант од Бангладеш.

Бегалците кои доаѓаат од кризните воени подрачја како Сирија, Ирак и Авганистан и денеска без проблем се пропуштаат по што од страна на полицијата и војската се упатуваат во прифатниот ценатр каде  се регистрираат и добиваат неопходна хуманитарна помош .  Исто како и на граничната линија и во центарот е стабилно и без  гужви.

-Од синоќа имаме пристигнато околу 1000 мигранти. И на границата состојбата  е речиси смирена , групата која протестира на самата гранична линија продолжува да протестира. Надлежните ја држат ситуацијата под контрола,а  колегите ид УНХЦР делат совети и информации за опциите кои одредени националности  ги имаат и за барањата што треба да ги поднесат. Имаме информација дека денеска ќе пристигнат многу малку мигранти поради лошото време околу Егејското море, вели Александра Краус - УНХЦР.

Додека тече прифаќањето и регистрацијата на бегалците во центарот надлежните истовремено работат на проширување на содржините во истиот и обезбедување што подобри услови за претстојниот зимски период.