Македонија
15. October 2019 - 10:49

Слепите лица во Тетово бараат звучни семафори за полесно движење низ градот

Да се постават звучни семафори и натписи со брајово писмо низ градот беше порачано од скромната активност со која вчера Здружението на слепи лица во Тетово го одбележа 15 октомври, Меѓународниот ден на белиот стап, симболот на лицата со слепило или оштетен вид. Здружението апелира надлежните да создадат побезбедни услови за движење и пристапност на слепите лица низ Тетово.

-Апелираме на потребата од институционално унапредување на инфраструктурните услови низ градот за посамостојно и побезбедно движење на слепи лица низ градот. Да се постават звучни семафори, како и да има натписи со брајово писмо со цел слепите лица побезбедно да се движат низ Тетово. Остварување на правото на писменост, образование, рехабилитација, вработување и адаптација на работно место. Да се овозможи независно живеење со персонални асистенти и помагала, истакна Лидија Андоновска од Здружението на слепи лица.

Здружението на слепи лица во Тетово брои 178 членови.

-Изминатава година бележиме нови членови деца кои во септември се запишаа во Заводот за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ во Скопје, рече Андоновска.

Од 1998 година Здружението е домаќин на меѓународен турнир во шах што се одржува секоја година. Меѓународниот ден на белиот стап се одбележува од 1964 година за да се прослават достигнувањата на луѓето кои се слепи или со оштетен вид и белиот стап важниот симбол на слепилото и алатка за независно движење.