Балкан
8. јуни 2022 - 16:40

Слави Трифунов се повлече од коалицијата, ќе падне ли и бугарската Влада

Се распадна бугарската владина коалиција. Партијата на Слави Трифонов “Има таков народ” објави дека се повлекува од коалцијата поради две главни причини – ветувањето на Петков пред меѓународните лидери дека ќе го крене ветото за Македонија и поради тоа што Бугарија веќе нема пари.

На вонредно обраќање, Трифонов посочи дека ги повлекува своите министри од Владата, со што како што рече, става крај на агонијата во која се наоѓа коалиционата влада.

Во однос на Македонија, Трифонов го обвини Петков дека води поинаква надворешна политика од онаа на Собранието, Министерството за надворешни работи и политиката декларирана пред Консултативниот совет на претседателот Радев.

Дополнително, посочи Трифонов, постои огромно разочарување за тоа како се управува буџетот на Бугарија. Откако Асен Василев е министер за финансии, „летаат милијарди“, посочи Трифонов и дополни дека никој нема право да експериментира со парите на бугарскиот народ.

Веднаш по објавата дека коалицијата се растура, обраќање имаше и Петков. Подобра опција е малцинска влада, отколку влада на која и се врзани рацете, посочи бугарскиот премиер.

Внатрешни политички случувања во Бугарија, со цел да се користи спорот за политички поени – е реакцијата на македонскиот премиер.

Ваквото сценарио дополнително го усложнува наоѓањето на решение со кое ќе се овозможи деблокада за Македонија на Самитот на ЕУ во јуни. Договорот за тоа со каков став ќе патува Бугарија во Брисел треба да биде потврден во Народното Собрание, но ова сценарио сега сега станува неизвесно.

Партијата на Трифонов има 25 пратеници без кои Петков нема мнозинство, но засега е неизвесно дали сите тие би гласале за недоверба на владата, доколку се покрене ваква иницијатива.