Македонија
29. November 2019 - 8:42

Скопските пожарникари во Албанија ја покажуваат солидарноста на дело

Екипите за спасување од земјава што беа испратени во Албанија по катастрофалниот земјотрес несебично се вклучија во спасување на преживеани.

Тимот од Град Скопје составен од четворица пожарникари и двајца логистика за снимање и мапирање со дрон и термо камери за потрага на лица, беше лоциран во Драч каде три дена неуморно работеше на лоцирање и пронаоѓање на затрупани во една куќа која беше означена како црна точка.

– Од 19:30 часот во вторникот работевме на лоцирање и потрага по затрупаните во рушевините со дронот и термокамерата на куќа која беше лоцирана како црна точка на земјотресот. Во неа имаше една жена, едно девојче, две близначиња од по две години и едно постаро лице инвалид. За жал, најдени се сите починати, вели во изјава за МИА командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски.

Тимот од Град Скопје заеднички работеше со екипа од Италија и со Армијата на Албанија.

По катастрофалниот земјотрес во вторникот во Албанија, беа испратени тимови за спасување и механизација, а премиерот Зоран Заев најави дека подготвени се и тимови од лекари доколку е потребно да интервенираат. Истиот ден, Владата донесе одлука да се одвојат шест милиони денари како првична финансиска поддршка за санирање на последиците од земјотерсот.

Од Град Скопје веднаш беше испратена екипа од четири пожарникари и две лица за снимање со термален дрон и термални камери. Дополнително, Советот на Град Скопје донесе одлука за доделување на финансиска помош во вредност од три милиони денари. Дел и до другите општини донесоа одлуки за доделување финансиска помош за Албанија.

Во вторникот рано сабајле во Албанија беа регистрирани два силни змејотреси, еден со јачина од 6,4 и другиот од 5,3 степени според Рихтер. Конечниот биланс од земјотресот се уште не се знае. Според последните информации, 47 лица го загубија животот, а над 650 се повредени. Од вторникот наваму регситрирани се над 200 потреси.