Македонија
4. October 2020 - 16:47

Скопскиот маратон под посебни протоколи

Трета година по ред Христијан Проданов на скопскиот маратон трча облечен во костим од суперхерои. Вели дека трча за забава, а освен во Скопје, суперхеројските костими го користи за речиси сите масовни атлетски собири.

-Ова е најмасовниот собир на атлетатичари во земјава и трчам за забава за да им биде поинтересно на луѓето што гледаат од страна. Практикувам да сум секогаш во маска од 2018 година, вели Христијан Проданов.

Скопскиот маратон се одржа со посебни антиковид протоколи. Изостана трката на пет километри на која традиционално се пријавуваат најголем број учесници. Поради тоа, на скопските улици трчаа нешто повеќе од 1.500 луѓе. На сите натпреварувачи им се мереше температурата пред трчање, а го немаше и претпознатливиот масовен старт.

-Учесниците влегуваа во три бокса, поделени во три трки, маратон, штафетен маратон и полумаратон. Секој си имаше во својата листа стартно време кога треба да се појави во зоната старт и тргањето беше на 10 секунди по пет учесници, вели организаторот, Кире Синадиновски.

Но покрај забавата и натпреварувачкиот карактер скопскиот маратон предизвика и нервоза кај возачите поради затворените улици, а градскиот парк остана непристапен за скопјани бидејќи до него не можеше да се дојде со автомобил.