Македонија
1. April 2016 - 16:40

Скопскиот Апелационен суд му ја зголеми казната на трикратниот убиец од Кавадарци, Тони Станоев заработи доживотен затвор

Скопскиот Апелационен суд му ја зголеми казната на трикратниот убиец од Кавадарци. Наместо 40 годишна робија, Тони Станоев заработи доживотен затвор. Ваквата одлука на Апелациониот суд следи откако на првостепената пресуда се жалеше Велешкото јавно обвинителство. Во соопштението објавено на интернет страницата на Велешкиот суд се вели дека пресудата е преиначена во делот на одлуката за кривична санкција со која Станоев е огласен за виновен за три убиства.

Во текот на судскиот процес, обвинетиот Тони Станоев изјави дека жали за стореното, но не може да го врати времето назад. Објаснуваше дека немал намера да пука во роднините на сопругата.

Во 2014-та се случи трикратното убиство во Кавадарци. Тони Станоев со пиштол ги застрела сестрата и родителите на неговата сопруга. Инаку тој неколку пати бил пријавуван за семејно насилство и закани дека ќе ги убие блиските роднини на сопругата.