Македонија
30. August 2017 - 10:52

Скопскиот аквадукт интересен за странци, занемарен од скопјани

Сигурно не е мал бројот на скопјани, кои многупати поминале низ булеварот „Словенија“, но не се сетиле да погледнат кон аквадуктот, а камоли да го посетат. А, тој не е ниту два километара оддалечен од центарот на градот, или, ако сакате 20 минути пеш. Но, за разлика од жителите на Скопје, на триесетичетиригодишниот Владислав Низовој од Крим, не му пречеше жешкото време, да пропешачи неколку километри за да го види водоводот кој некогаш ги снабдувал скопјани со питка вода за пиење.

Долго време се сметало дека водоводот го изградил Јустинијан Први 

Владислав го сретнавме на неасфалтираниот пат кој води кон аквадуктот и неколкуте метри ги минавме заедно. Пријатен човек, со кого воопшто не беше тешко да стапиме во комуникација.

 	akvadukt-3

- Аквадуктот го видов „Гугл мапс“ и решив да го посетам, ни вели Владислав.

- Ми се допаѓа целиот амбиент. Ми мириса на историја, на нешто старо. Не ми пречи вакво како што е, освен ѓубрето. Јас сум екологист. Секаде каде што ќе видам ѓубре, го собирам во кеса, се смее Владислав.

- Дали е од римско време?, не прашува тој.

Му објаснуваме дека има различни мислења од кое време потекнува аквадуктот. Некои велат дека него го изградил римскиот император Јустинијан Први, роден во скопско Таор, за да го снабдува со вода неговиот град Јустинијана Прима. Му ја кажавме претпоставката на археологот Киро Ристов, кој мисли дека градот, кој го градел Јустинијан, се наоѓа под Старата скопска чаршија. Други пак, сметаат дека славниот римски император го изгадил водоводот да го снабдува градот Скупи.

Но, проф. д-р Константин Петров тврди дека докажал дека аквадуктот бил изграден во периодот меѓу 1392 и 1566 година, најверојатно во шеснаесеттиот век.

Му покажавме со рака кон Скопска Црна Гора од каде што била спроведувана вода за аквадуктот. Трасата на аквадуктот водела од изворот Дуло во атарот на село Бањани, минувала низ Горно Оризари, Шуто Оризари, Чаир се до  Центар. Водата била спроведена за потребите на Скопското кале и долниот град што се ширел на просторот на Бит-пазар. Така велат стручните лица. Му го пренесовме на Владислав она што го знаевме за водоводот.

Додека му зборувавме за аквадуктот, тој внимателно го набљудуваше со воодушевување, како да сакаше да го впие секој детаљ од него.

-Прекрасен е, ни вели.

Побара да го фотографираме. Ни објасни дека сака да фатиме агол, како да се прекршува водоводот.

 - Долг е 386 метри. Не може цел да го опфатиме, му велиме на Владислав.

Изграден од камен и тули со 55 лукови што се потпираат на масивни столбови, му пркоси на времето.

 	akvadukt-66

Водоводот сред дива природа

Имавме среќа што дента кога бевме кај воодводот беше сончево. Можеме да замислиме како ли е кога врне дожд. За да се стигне до аквадуктот кога е врнежливо, потребни се гумени чизми. Водоводот е сред дива природа. Трева, камења, по некое дрвце. Едно време се зборуваше дека просторот околу аквадуктот ќе се урбанизира, ќе се отворат сувенирници и угостителски објекти за посетители и туристи. Засега тоа е само идеја.

Владислав ни рече дека му се допаѓа вака како што е оти го враќа во минатото. Но, секако, со урбанизација овој значаен објект ќе биде многу попосетен отколку сега.

Освен аквадуктот, Украинецот имаше намера дента да го види одблизу и Милениумскиот крст. Ни кажа дека има намера да ги фотографира и спомениците. Кревајќи ја раката со тупаница нагоре, не праша чиј споменик е тој. Не ни беше тешко да погодиме дека не прашува за Филип Втори, таткото на Александар Македонски.Му кажавме дека во близина на тој споменик има споменик на мајката на Александар, Олимпија, со дете во раце.

Владислав решил оваа година летниот одмор да го помине во Македонија, и вели, не згрешил. Бил и во Охрид. Многу му се допаднал центарот на градот. Кога доаѓал од Охрид кон Скопје, вели не можел да ги тргне очите од планините.

- Многу убави планини, реки, долини. Морам да потенцирам дека овде сретнав многу убави луѓе, гостопримливи, љубезни. Многу е убава Македонија. И храната ви е многу убава. Кога ја спомнав храната, да ви кажам дека сум многу гладен и сега ќе одам да јадам, се насмевнува.

Кога заминувавме од аквадуктот, тој зема една кеса и почна да го собира ѓубрето. Ни рече да така правел секаде каде што одел.

Со Владислав разменивме контакти и ни вети дека повторно ќе ја посети Македонија. Аквадуктот го оставивме зад нас и како договорени, погледнавме во исто време кон него- преубавата градба, гордоста на скопјани. 

 	akvadukt-4

 

Ирена Радовановиќ/МИА