Македонија
25. December 2019 - 17:58

Скопска фирма со фалсификувана лиценца добила тендер за греење на објекти на МО и АРМ

Секторот за внатрешни работи Скопје - Единица за економски и компјутерски криминал поднесе кривична пријава против Г.Ц.(53) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека сторил кривично дело „фалсификување исправа“. Пријавениот, во својство на управител на правно лице од Скопје, во текот на април 2019 година изготвил лажна Лиценца Б – за изведувач на градби од втора категорија со важност од 06.08.2012 година до 06.08.2019 година, како да е изготвена и издадена од Министерството за транспорт и врски на РСМ.

На 23.04.2019 ја искористил како вистинска и ја употребил на Електронскиот систем за јавни набавки како прилог кон тендерска документацијата во врска со Понуда поднесена од страна на неговото правно лице, а врз основа на Оглас за спроведување на отворена постапка за јавна набавка објавен од страна на Министерството за одбрана за доделување на договор за вршење на работни активности во врска со Оспособување на надворешни разводи за греење во објекти на Министерството за одбрана и Армијата на РСМ.

Откако до Министерството за одбрана стигнале индиции дека фирмата прикачила фалсификувана лиценца, Министерството за одбрана побарало информација од Министерството за транспорт и врски и по добиена информација дека на тој правен субјект не му е доделена лиценца, Министерството за одбрана до Јавното обвинителство поднело кривична пријава против правниот субјект.