Македонија
6. February 2023 - 8:09

Скопје со осуди на најновите провокации од Бугарија, се очекува соодветна реакција и на официјална Софија

Македонските власти вчера изразија осуда на инцидентите на преминот „Деве Баир“ во саботата, каменувањето на Македонскиот клуб во Благоевград и недоличните и навредливи изјави на бугарски политичари, изразувајќи при тоа жалење што немаше навремена и соодветна реакција на официјална Софија на ваквите постапки и нападите кон македонските полицајци и институции.

Претседателот Стево Пендародвски во писмена реакција ги осуди инцидентите на македонската граница предизвикани од страна на група граѓани на Бугарија предводени од пратеници во бугарскиот Парламент, при тоа изразувајќи жалење „што не сведочиме на осуда за нападите насочени кон македонските полицајци и кон македонските институции“.

Министерството за надворешни работи, пак, оцени дека и покрај искажаната волја, Бугарија не направи доволно напори да спречи пристапување на радикални поединци на граничниот премин „Деве Баир“, овозможувајќи на тој начин „дел нив да се однесуваат агресивно, да ги навредуваат и да применат насилство кон претставниците на гранична полиција на Северна Македонија“.

Во однос на навредливата објава на бугарскиот европартеник и поранешен амбасадор во земјава Александар Јорданов на социјалните мрежи која содржеше погрдни фрази за македонскиот народ, претседателот Пендаровски оцени дека таквите истапи се целосно недолични за еден дипломат и пратеник во Европскиот парламент.

- Во овој случај сакам да додадам дека не станува збор само за отсуство на елементарна култура кај именуваниот, туку и за најостра форма на говор на омраза, која е без преседан во историјата на македонско-бугарските односи. За жал, територијалните претензии и негирањето на македонската нација станаа секојдневие, оцени шефот на државата, додавајќи дека за ваквите негаторски испади, очекува навремена и соодветна реакција на официјална Софија.

МНР пак најави дека ќе упати писмо до Европскиот парламент во кое ќе информира за недоличното и навредливо однесување на Јорданов.

- Со жалење, констатираме дека во пресрет и по одбележувањето на 151 година од раѓањето на Гоце Делчев во Северна Македонија, радикални поединци, претставници на организации и политички партии во Бугарија продолжуваат да изразуваат територијални претензии кон Република Северна Македонија и континуирано го нарушуваат достоинството на македонските граѓани, македонскиот народ и нашата држава, наведе во соопштение македонското МНР.

Во однос на кршењето на стаклото на Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград во саботата вечерта, претседателот Пендаровски оцени дека вандализмот и криминалот од овој вид не се европски вредности и потребна е нивна осуда, но и откривање и соодветни казни за сторителите на овој чин.

Премиерот Димитар Ковачевски „најостро го осуди вандалскиот чин“ на каменување на Македонскиот клуб, оценувајќи дека ваквите активности не соодвествуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави

- Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија, наведе Ковачевски во објава на својот Фејсбук профил.

Осуда на каменувањето на Клубот упати и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која оцени дека вандализмот не е добрососедство и не може да биде.

- Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се наведува во рекацијата на ВМРО-ДПМНЕ.

И организацијата на Македонците во Бугарија ОМО „Илинден“ - Пирин го осуди кршењето на стаклото на Македонскиот клуб во Благоевград и побара од бугарската полиција да го истражи случајот. 

- Веќе 17 години напади врз македонските клубови во Бугарија. Дали полицијата конечно ќе истражи овој пат и нема да одбие? Да видиме дали ќе ги најде сторителите откако неодамна постави камери над клубот на свој начин. Се надеваме дека беше за безбедност, а не само за следење на доаѓањето. А има од каде да почне - нека го испрашуваат Виктор Стојанов, еден од организаторите на провокациите, кој истовремено беше во Благоевград со цела банда, стои во постот објавен на Фејсуб страницата на ОМО „Илинден“ - Пирин. 

Министерството за надворешни работи реагираше и на соопштението на бугарското МНР, кое оцени дека одбележување на 151-та годишнина од раѓањето на Делчев во саботата не придонело „за унапредување на добрососедските односи“.

- Со длабоко жалење констатираме дека 04.02.2023 година ќе влезе во историјата како датум на кој властите во Северна Македонија, со крајно неубедливи причини и со прекршување на уверувањата дадени однапред, не им дозволија на бугарските граѓани да му оддадат почит на делото и животот на Делчев... Ова, заедно со несакањето делегациите на Бугарија и Северна Македонија заеднички да положат венец, претставува отстапување од воспоставените добри практики и ги поткопува напорите на Република Бугарија со цел зајакнување на добрососедството, наведе бугарското МНР.

Нашето МНР ги демантираше наводите дека со Софија било договорено заедничко чествување на Гоце Делчев, оценувајќи дека тоа во земјава помина во најдобар ред и без нарушување на јавниот ред и мир, со овозможен пристап на бројни официјални и граѓански делегации, вклучително и на официјалната делегација на Бугарија и на бугарски граѓани, да му оддадат почит на великанот.

- Потсетуваме дека една од задачите на Заедничката експертска комисија за историско – образовни прашања, формирана согласно Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, е да изготви препораки за заедничко чествување на историски личности. До овој момент, Заедничката комисија нема изготвено препорака за заедничко чествување на Гоце Делчев, потенцираат од МНР. 

Министерството посочува и дека на официјалната бугарска делегација предводена од вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, како искрен и последователен гест и беше овозможено непречено да положи цвеќе пред гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“.

- Република Северна Македонија во континуитет негува добрососедски односи и се залага за воспоставување на одржливи пријателски односи и продуктивна соработка со сите соседни држави, вклучувајќи ја и Република Бугарија. Во склад со овие определби, очекуваме од властите во Република Бугарија, во духот на пријателството и добрососедството, принципиелно да се заложат и да ги превземат сите неопходни дејствија за деескалација на тензиите преку јавна осуда  и преземање мерки против сите дејствија кои не придонесуваат  за водење на конструктивен и добронамерен дијалог базиран на меѓусебно уважување и почитување, порачаа од Министерството за надворешни работи.

Во однос на последните случувања во македонско-бугарските односи вчера се огласи и поранешниот бугарски премиер и копретседател на партијата Продолжуваме со промената, Кирил Петков, кој оцени дека „во моментов е оставено на некои многу гласни луѓе да го дефинираат дијалогот меѓу двете земји“.

Според Петков, во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија е важно перспективата да не се става само на тоа каков инцидент се случил и во исто време, додека се справуваме со јазикот на омразата, мора да се отворат и други теми како инфраструктурата и економијата, со цел односите да можат да имаат и позитивен карактер.

- Време е да се вратиме на попозитивните работи, рече Петков во изјава за Бугарското национално радио (БНР).