Спорт плус
3. September 2016 - 15:33

Скопје следната година домаќин на два турнира во одбојка на песок

По повод одржувањето на сателит турнирот во одбојка на песок во Скопје, гостин е првиот човек на Европската одбојкарска федерација Александар Боричиќ, а тој денеска заедничка прес конференција одржа со градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.
-         Оваа година Скопје по седми пат е домаќин на турнир во одбојка на песок. Лани бевме домаќини на машкиот сателит, а годинава сме домаќини на женскиот сателит. Ќе продолжиме да организираме турнири и следната година имаме цел да бидеме организатори во двете конкуренции. Оваа година има претставнички од 16 држави и вкупно се натпреваруваат 26 двојки, а тие со својот настап во Скопје собираат поени за ранг листите, истакна градоначалникот на Скопје Трајановски.
Првиот човек на Европската одбојкарска федерација (ЦЕВ) Боричиќ, зборуваше за актуелностите во одбојката , но и за одбојката на песок.
-         Ги видов условите за одбојка на песок и со нивно подобрување и проширување следната година ќе може да се прошири и организацијата со учество и на мажи и на жени. Ова е осбено важно, дека со овие натпревари се собираат бодови, кои се многу важни. Одбојката на песок е олимписки спорт, кој на Игрите во Рио секој ден имаше полни трибини по 15.000 гледачи. Ние како ЦЕВ и асоцијацијата на балкански одбојкарски федерации ја помагаме Одбојкарската федерација на Македонија, но сметам дека треба да има поголема помош и од државата  и од Македонскиот Олимписки комитет пред се околу организација на некое натпреварување, истакна Боричиќ.
Инаку, синоќа градоначалникот на Скопје Трајановски и претседателот на ЦЕВ Боричиќ ги следеа и натпревари на сателит турнирот што се играат на теренот на „Градска плажа“ . До крајот на турнирот треба да се одиграат уште натпреварите за пласман (се играат попладнево), полуфиналните натпревари (се играат утре претпладне) и финалето и дуелот за 3.место (се играат утре од 19:30 часот).