Македонија
30. April 2019 - 16:25

Скопје се подготвува за посетата на Папата

По отварањето на штандовите граѓаните во редица чекаат да земат влезница за Светата литургија што за првпат  Папата Франциск ќе ја отслужи во земјава. За време на посетата предвидени се строги правила на сите 9 локации за  влез на  Плоштадот Македонија. Граѓаните овие информации ги добија на флаер заедно со  влезницата. Доаѓањето на Папата во Скопје е историски настан за граѓаните кои се регистрираа на листата посетители.

На три локации во центарот се делат влезниците, пред спомен куќата на мајка тереза, пред влезот на ГТЦ на Плоштадот и пред Св Димитрија на плоштад филип 2.

Со личен документ граѓаните ќе можат да подигнат влезница од 9 и 30 до 17  30 часот на штандовите до петок 3 мај.

Папата најверојатно до плоштадот ќе се вози со добро познатиот Папа мобил. Токму поради ова, градот деновиве ги  активираше сите служби кои се задолжени за уредување на центарот, се чистат улиците, тротоарите, се сечат гранките кои правеа сенка на улица Македонија.  Се крпат и дупките по булеварите .

На принуден одмор од неколку дена ќе бидат и уличните продавачи. Тезгите ќе мора да ги отстранат привремено.

Посетителите не смеат да носат никакви предмети со нив. Сообраќајот ќе биде посебно регулиран од Аеродромот се до локациите каде ќе се движи Папата. Во центарот е забрането движењето на автомобили а автобусите ќе бидат бесплатни на 7 мај. Нема да се наплаќаат ниту паркинзите во Скопје.

Апел и до граѓаните од внатрешноста на 7 ми мај да патуваат бесплатно со воз до Скопје.