Македонија
15. August 2018 - 17:23

Скопје се гуши среде лето, мерните станици не работат кога најмногу се загадува

Кој и зошто ги крие податоците за аерозагадувањето во Скопје? Ова прашање го поставуваат еко активистите, по информацијата дека за помалку од два месеца, мерната станица во Гази Баба е повторно на сервисирање и калибрација, со што е оневозможено мерењето на штетни честички.

Мерните станици затајуваат во период кога и покрај тоа што е лето, загадувањето во Скопје повторно е актуелна тема. Видеа и фотографии кои деновиве се објавуваат на социјалните мрежи предизвикаа загриженост кај жителите на главниот град. На нив се гледа како од Железара се испуштаат огромни облаци од чад кои се шират во околината.

Проблем со мерењето штетни честички нема само станицата во Гази Баба. Од 10 август нема податоци за Пи-Ем 2,5 честичките во Карпош, а мерната станица воопшто не работеше од 29 мај до 11 јуни поради редовен сервис и калибрација. И покрај летниот период, во Скопје и во јули и во август во одредени денови присуството на штетните честичките во воздухот се многу над дозволените концентрации.

„Бараме акција сега, а не оправдувања во зима“. Еко активистите упатуваат апел до надлежните институции да не се чека зимата за да се преземат конкретни активности и да се санкционираат загадувачите.

Од 02 коалицијата за чист воздух велат дека токму транспарентноста и довербата меѓу граѓаните и институциите по ова прашање е нарушена во најголем степен и дека борбата против загадувањето засега е само на хартија.