Македонија
28. October 2019 - 16:41

Скопје помеѓу најзагадените градови во светот, експертите бараат да се почитува казнената политика

Во 3 македонски градови изминатите 24 часа воздухот беше многу загаден. Граѓаните дишеа трипати повеќе штетни ПМ честички од максимално дозволените. Скопје повторно се најде на врвот на светските листи според аерозагадувањето. Професорот Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје вели дека ако во овој период со сеуште високи температури има загадување грењето не е единствената причина, туку придонесуваат и палењето на дивите депонии и земјоделското ѓубре, прашината и сообраќајот.  Според Ѓорѓев аерозагадувањето е индикатор колку се спроведуваат мерките.

-Мерките се со децении напишани, нема нови мерки. Мерки има и за граѓаните и за локалнатата и за Централната власт. Прво мора да има казни. Очигледно за овој народ мора да има казни од поединци до институции, изјави проф. д-р Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје.

И додека локалната и централната власт си ја префрлаат одговорноста за гасификацијата на кумановската болница која беше посочена дека е меѓу главните загадувачи во градот зошто се грее на мазут, професорот Ѓорѓев смета дека прво државните институции, а потоа и домаќинствата треба да ги исфрлат од употреба фосилните горива за затоплување.

-Аерозагадувањето на сите нас и како поединци и на политички партии ќе ни се врати како бумеранг, рече професорот Ѓорѓев.

Дека загадувањето во земјава е сериозен проблем поради кој се губат се повеќе човечки животи покажува и статистиката на Институтот за јавно здравје. Годишно аерозагадувањето е причина за 1800 смртни случаи.