Македонија
27. October 2019 - 16:43

Скопје меѓу десетте најзагадени градови во светот

Македонски градови повторно се најдоа на врвот според загаденоста на воздухот. По Куманово вчера и Скопје беше меѓу десетте најзагадени во светот. И синоќа мерната станица на министерството за животна средина лоцирана во кругот на кумановската болница покажа многу високи вредности на штетните ПМ 10 честички, односно 913 микрограми на метар кубен, а дозволени се 50.

За кратко време состојбата се нормализираше. Од општината проблемот го детектираа во затоплувањето на мазут кое го користи здравствената установа. Решение гледаат во гасификација на објектот.

-Проектната документација за изградба на траса до болницата со цел гасификација на градската болница е во завршна фаза и прашање е на денови кога ќе се спроведе. Останува да видиме колку Министерството за здравство ќе наиде на нашето разбирање за решавање на овој круцијален проблем и истото одвои одредени средства кои се потребни за инсталација односно преадаптирање на грејниот котел од мазут на природен гас.стои во дел од соопштението од Општина Куманово.

Од министерстерството за здравство пак  велат дека нивниот проект за кумановската болница  е подготвен и чекаат зелено светло од општината.

- Обезбедени се и средства за оваа намена, велат од министерството за здравство.

И додаваат дека системот за греење од мазут на гас треба да се пренамени за околу 2 месеци.

Во меѓувреме за намалување на загадувањето од општина Куманово вчера извршија  аеросолизација на воздухот во централното градско подрачје каде концентрацијата на ПМ 10 честички е најголема.

На почетокот на годината и гинекологија Чаир која исто така се загрева на мазут го загадуваше воздухот во овој дел од градот. Здравствените власти тогаш најавија итна гасификација на второто најголемо родилиште во земјава, но тендерот беше стопиран. Од здравство велат дека сега постапката е завршена и наскоро треба да почнат градежните работи за поставување на  инсталацијата.