Македонија
28. May 2021 - 8:28

Скопје и Софија согласни дека е потребен конструктивен дијалог и дека европската иднина на Македонија има перспектива

Европската иднина на Македонија има перспектива и двете држави треба да работат со уште поголема доверба и дијалог, кој треба да се води меѓу рамноправни соговорници, без потценување, со меѓусебна почит за да се постигне напредок и прогрес, порачаа вчера од Рим македонскиот и бугарскиот претседател Стево Пендаровски и Румен Радев. Потребата од дијалог меѓу двете земји и изнаоѓање заемно прифатливи решенија.беше потенцирана и во телефонски разговор меѓу премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Стефан Јанев.

– Тоа што сме денеска заедно со Радев не е случајно. Сакаме да покажеме дека и на Балканот има луѓе, политичари кои може да зборуваат со европски јазик, за предизвиците, но и за иднината. Во Радев најдов соговорник со кој можам да зборувам на ист јазик, европскиот, што може да донесе посветла иднина за нашите две земји, истакна Пендаровски во Рим.

Тој нагласи дека заедничкото чествување на Кирил и Методиј е нова динамика во билатералните односи, со што се надминуваат националните и религиозните граници и изрази надеж дека во годините и месеците што се пред нас стојат многу подобри денови и пред Македонија и пред Бугарија.

Радев пак нагласи дека Бугарија е подготовена да работи на изградба на мостови меѓу двете држави за развој на економските, трговските, образовните, културните врски и за зближување меѓу луѓето.

– Исклучително силна порака е што од ова свето место базиликата „Санта Марија Маџоре“ претседателите на Бугарија и Македонија испраќаат јасна порака кон нашите граѓани за соработка, доверба и пријателство. Таа порака е многу силна, рече Радев.

Според Радев, во разговорите за надминување на проблемот меѓу Македонија и Бугарија нема потреба од европски посредници, бидејќи „никој од нас подобро не ја знае нашата историја“.

– Решението на проблемите зависи од нас, од конструктивниот дијалог врз историски документи и извори на кои ќе работи заедничката комисија. Комисијата ќе се занимава со историјата, но најважно е ние на високо политичко ниво да ги преземеме потребните чекори. Овие чекори не поминуваат низ другите европски метрополи и од таму во никој случај да не се врши притисок врз Бугарија. Вистинскиот чекор е еден – во Софија. Тогаш ќе се решат сите проблеми. Ние мора да бараме одржливо и неповратно решение, изјави Радев.

Дека политичките лидери на двете земји имаат одговорност да создадат услови за дијалог и за конструктивни разговори, се согласија во телефонски разговор и премиерите на Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Стефан Јанев, кои се согласиле дека е потребно вложување на сите напори за разговори и за заемно прифатливи решенија.

Премиерот Заев во интревју за неделникот „Фокус“ порача дека ние сме мирољубив народ и од нас може да се очекува само градење пријателство и соработка. Во врска со изјавата на Радев дека Бугарија сака јасни гаранции за нејзината национална безбедност и нејзините национални интереси, Заев порача дека земјава нема дилеми за испорачување на гаранции, додавајќи дека „ако се мисли на краткото и долгото име, Македонија е исто што и Република Македонија и точно се однесува на државата без никакви територијални претензии ниту кон Бугарија, ниту кон другите соседи“.

– Дефинитивно, мислам дека претседателот Радев, кој е европски лидер, може да направи позитивен исчекор, со што ќе даде шанса на нашето пријателство да се развива и да биде поголемо наместо да остави трага меѓу двата народа, оцени Заев изразувајќи задоволство од поднесените креативни форми на предлози кои министерот за надворешни на Португалија Аугусто Силва и еврокомесарот Оливер Вархеји неодамна ги соопштија по посетата на Софија и Скопје и надеж дека на крајот на денот Европската Унија ќе го испорача она што го очекуваме.

За предлогот на опозицијата да се напушти Договорот со Бугарија и да се направи нов, со повеќе меѓународни гаранции, премиерот Заев изјави дека е многу несериозно да се откаже договор, кој веќе почна да се реализира и за кого има уште многу да се направи, притоа повторувајќи дека идентитетот и јазикот се познати црвени линии, за кои ниту Владата ниту Унијата можат да разговараат и да ги менуваат.

Словачкиот амбасадор во земјава Хенрик Маркуш вчера порача дека местото на Македонија е несомнено во ЕУ и оти промената на името на земјава не било наградено со почнување на вистинските преговори за членство.

-Правењето на Европа на едно подобро место, особено во вашето справување со добрососедските односи, беше придонес без преседан особено со промената на името на вашата земја тоа не беше наградено со најлогичниот резултат – почнување на вистинските преговори за членство, рече Маркуш, додавајќи дека земјава служи за еден од најдобрите примери и дека „мораме да ја осмислиме нашата заедничка европска иднина на многу подобар начин отколку што тоа се правеше досега“.