Македонија
14. November 2017 - 11:47

Скопје и Сараево се збратимија

Градоначалниците на Скопје и на Сараево, Петре Шилегов и Абдулах Скака, денеска потпишаа Спогодба за збратимување.

- Оваа Спогодба претставува круна на еден процес кој се одвиваше во текот на една година, благодарност до нашите претходници и градската администрација, рече Шилегов по потпишувањето.

Сараево, како што рече, е 20-иот град со кој се збратимува Скопје и е последен град од поранешната Југословенска држава.

Тој изрази благодарност до амбасадорката на БиХ во Македонија Лепа Бабиќ која многу се вложила во овој процес.

- Можеме да реализираме сериозна соработка зошто и Скопје и Сараево имаат исти или слични проблеми како загаденоста, урбанизмот, инфраструктурата,... Веќе парафиравме една спогодба за размена на искуства помеѓу јавните сообраќајни претпријатија на Скопје и на Сараево во делот на експлоатација на жичарници, размена на искуства во сообраќајот, потенцира Шилегов.

Градоначалникот Скака му посака успешна работа на Шилегов и истакна дека ова е добар почеток за соработката меѓу Сараево и Скопје. Тој потенцира дека Скопје е првиот град од поранешна Југославија со којшто се збратимуваат и додаде оти и Скопје и Сараево ја негуваат мултиетничноста.

На потпишувањето на Спогодбата присуствуваше делегација од Сараево и советници од двата града.