Македонија
28. January 2019 - 17:10

Скопје и денеска најзагаден град во светот - Градот почна постапка за набавка на 35 еколошки автобуси

Граѓаните на Скопје и денеска се разбудија во најзагадениот град во светот. 217 ПМ честички на метар кубен беа измерени во главниот град. И вчера штетните ПМ честички беа осум пати  над максимално дозволената граница. Додека граѓаните ги чекаат итните мерките за намалување на загадувањето, клиниките се полнат.  Речиси да нема слободен кревет во сите детски болници и на клиниката за Пулмологија.

Во меѓувреме, ЈСП се задолжи 10 милиони евра кај ЕБОР за набавка на нови 35 еко автобуси кој ќе го намалат аерозагадувањето во главниот град.  Заемот ќе се отплаќа 10 години со три години грејс период и ниска каматна стапка . Автобусите треба да пристигнат до крајот на годинава.

– На улиците ќе се вратат зглобните автобуси, кои имаат капацитет да превезуваат речиси двојно повеќе патници од двокатните, овозможуваат побрз проток на патниците низ возилото што влијае на скратување на времето потребно за задржување на постојките, што ќе овозможи и зголемување на фрекфенцијата на возилата. Во новите автобуси, ќе има можност и за валидација на најмалку две места во возилото. Сето ова, автоматски на граѓаните ќе им овозможи побрзо да стасуваат до крајните дестинации, отколку сега возејќи се со кинеските автобуси.

За набавката ЈСП ќе одвои дополнителни 2 милиони евра од сопствениот буџет. Договорот со европската банка го потпишаа заедно со министерот за финансии и скопскиот градоначалник. Од ЕБОР ќе добијат и стручна помош за набавката и реорганизацијата на финансиските перфоманси на ЈСП. Шилегов тврди цените на возните билети нема да поскапат а за 7 години очекува возниот парк на ЈСП да биде целосно обновен.

„Град Скопје секоја година со девет  милиони евра го субвенционира јавниот транспорт. Секоја заштеда која можеме да ја направуиме оди на конто на буџетот на Град Скопје, без притоа да ги оптоваруваме граѓаните со зголемување  на цената на билетите. Нашата цел е да направиме  рационализација на системот на транспортот како би се намалил притисокот врз Буџетот на град Скопје, а тие средства да се наменат за други потреби за граѓаните. “

Иднината на градот е шинскиот јавен превоз на кој градоначалникот вели дека сериозно се работи веќе една година. Шилегов уверува дека граѓаните ќе можат со воз да одат од Драчево до Ѓорче Петров. Трамвајот ќе сообраќа од Лисиче до Ѓорче Петров.