Тенис
16. јуни 2016 - 23:30

Скопје домаќин на три фјучрс турнири

По подолга пауза во Скопје и Македонија ќе со одржат три фјучрс турнири во машка конкуренција и тоа ќе биде убава можност за македонските тенисери да освојат нови поени. Домаќин на турнирите ќе биде „Тенис парк“ на терените во рамките на Спортскиот центар „Јане Сандански“. Секој од трите турнири е со награден фонд од 10.000 долари, а ќе се играат од 20. јуни до 10 јули.
 
Во поединечна конкуренција од домашните тенисери најмногу се очекува од најдобро рангираниот Томислав Јотовски, но и за него работата ќе биде исклучително тешка.
 
Според најавите на денешната прес конференција на организаторот, голема атракција треба да биде настапот во двојки на двајцата македонски тенисери, кои донесоа голем успех на Македонија во Дејвис купот во минатото.
 
- Ќе настапам во двојки со Лазар Магдинчев. Имавме желба по подолго време да играме заедно на еден турнир, истакна Предраг Русевски кој во „Тенис парк“ работи и како тренер.
 
Бројката на пријавени тенисери на трите турнири е околу 400-тина
 
- По осум години го враќаме врвниот тенис. СЦ „Јане Сандански'“ ќе биде домаќин на три професионални фјучерс турнири. За овој ранг на турнири тоа е доста силно. Ќе игра Томислав Јотовски, ќе има и четири вајлд карти за нашите јуниори и сениори. Ќе се делат во однос на услови и заслуги. И во дубл имаме три вајлд карти, истакна Цветан Војчески, директор на турнирите.
 
Првите натпревари од квалификациите ќе бидат во сабота, а главниот турнир ќе почне во понеделник.