Македонија
4. March 2021 - 8:23

Скопје до Софија – да се внимава на наративот и да се избегнуваат провокации

Да се внимава на наративот и да се избегнуваат провокации. Да се практикуваат европските вредности, а сојузништвото во НАТО и очекуваната блиска соработка во рамките на ЕУ, дополнително да ги зацврсти билатералните релации меѓу Севрена Макеоднија и Бугарија, порачаа македонските официјални претставници по последните вести од Софија дека бугарскиот претседател Румен Радев ги свикал на состанок шефовите на безбедносните служби, за наводното непочитување на правото на самоопределување на Бугарите во земјава.

Владата преку портпаролот Душко Арсовски вчера го повтори ставот во врска со разговорите со Бугарија дека треба да се внимава од сите страни вклучени во процесот и оти не доликува на земји-членки на НАТО да комуницираат на ваков начин.

-Премиерот имаше став, објаснување за ова. Можеме само да го повториме како Влада. Остануваме на внимателен наратив. Треба да се внимава од сите страни вклучени во процесот на преговори, вклучително од највисоките носители на функции од двете држави. Она што е најважно е дека не доликува на земји-членки на НАТО да комуницираат на ваков начин, рече Арсовски.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска го оцени како грешка во чекори состанокот на Радев со шефовите на безбедносните служби. Нагласи дека Македонија е можеби најдобар пример во регионот во однос на рамноправноста на граѓаните и почитување на различностите.

-Не сум чула за каков било пример или епизода во историјата кога разузнавачите работеле позитивно и корисно за развивање на човековите права и мислам дека станува збор за грешка во чекори. Република Македонија е држава, која многу вложи во рамноправност на граѓаните и во отвореност на општеството да ги прифати сите разлики. Можеби сме најдобар пример во нашиот регион на ова тема и тоа го признаваат организации кои често пати се критични на темиве, истакна Шекеринска .

Додаде дека македонското општество покажало поголема зрелост и отвореност од некои постари демократии, бидејќи како што рече, како мала држава и како народ сме поминале низ епизоди на негирање и тоа не поттикнало да станеме свесни дека треба да се почитува различниот.

-Ние ги научивме своите лекции. Секојдневно ги покажуваме, дури и со операцијата попис сме држава која на секој граѓанин му ја дава шансата слободно да се произнесе. Би била среќна кога сите државите во нашето соседство би го давале истото право на своите граѓани, истакна министерката за одбрана.

Порака за надминување на предизвиците, интензивирање на соработката и зајакнување на билатералните релации, вчера до својата бугарска колешка Екатерина Захариева, упати министерот за надворешни работи Бујар Османи во честитката по повод 3 Март – Националниот празник на Република Бугарија.

– Односите со Република Бугарија ги сметам за исклучително важни, додека заложбата за нивно натамошно зајакнување е од посебен интерес во насока на развивање на добрососедските односи. Република Македонија останува цврсто посветена на имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка коа важна алка во зајакнувањето на довербата меѓу нашите граѓани, наведува Османи во честитката до Захариева.  

Тој нагласува дека „патот напред е преку усвојување и практикување на европските вредности, а сојузништвото во НАТО и очекуваната блиска соработка во рамките на ЕУ, дополнително ќе ги зацврсти билатералните релации.

– Поддршката од Република Бугарија за евроатлантската перспектива на Република Македонија значи сигурна потпора за нашите највисоки стратешки приоритети и претставува потврда за пријателството меѓу нашите граѓани. Заедничкото претседателство со Берлинскиот процес оваа година, беше историски момент со огромна симболика, кој покажа дека регионот презема иницијатива и одговорност врз процесите кои ја определуваат неговата иднина. Тоа беше потврда дека земја-членка на ЕУ и земја-кандидат можат да работат заедно во интерес на земјите од регионот. Уверен сум дека само преку континуирана примена на досегашниот пристап заеднички ќе успееме да ги надминеме сите предизвици и ќе обезбедиме сестран прогрес за нашите граѓани, напиша шефот на дипломатијата Бујар Османи во честитката до бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.