Македонија
18. February 2017 - 13:43

Скопјанец притворен за разбојништво во обид

СВР-Скопје поднесе кривична пријава против Б.Б. (38) од Скопје поради основано сомнение дека извршил две кривични дела - „разбојништво во обид“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, за што од страна на судија на претходна постапка му е изречена мерка куќен притвор во траење од 30 дена.

Разбојништвото во обид пријавениот го извршил на 5 јануари 2017 околу 1.15 часот во куќа на улица „Ацо Шопов“ во Карпош, во која влегол од дворот и низ незаклучена врата. Станарот во куќата го забележал и се обидел да го совлада, при што Б.Б. извадил пиштол.

Како што соопшти МВР, оштетениот успеал да му го турне пиштолот од рака, го истуркал надвор каде што го задржал се до доаѓање на полициските службеници од единицата Алфа. Пријавениот бил лишен од слобода и приведен во Полициската станица Карпош. 

Во разговорот пријавениот го негирал извршувањето на кривичното дело. Екипа од ЕУМНА при СВР Скопје извршила увид, при што предметниот пиштол бил земен за понатамошна постапка, со цел да се утврди дали е употребен во извршување на други кривични дела.