Македонија
19. January 2020 - 16:43

Скандалите за Водици стануваат традиција во Штип - годинава крстот останува кај владиката

Темна дамка на централната свеченост за Водици на Камениот мост во Штип. Овој свечен чин ќе остане запаметен по инцидентот кога двајца од 50-темина скокачи останаа да лежат во реката и буквално да се борат за светиот крст. После неколку минутно натегање крстот го зеде оној кој што не стигна прв до него, а и после укажувањата на владиката Иларион да го предаде, не сакаше да го стори тоа. На крајот сепак преовлада разумот и светиот крст му припадна на Наумче Балевски, кој беше најбрз и кому му беа доделени подготвените подароци.

-Ми го зема од раце крстот. Како што сите тргнавме, јас го фатив крстот и ми вика „пушти го, пушти го“ , со закана, тоа не убаво- Изјави Наумче Балевски.

Меѓутоа владиката Иларион не остави ова да помине неказнето.

- Бидејќи настана еден немил настан, предложивме се додека се смират луѓето, крстот да остане во црквата оваа година, а догодина ако се средат работите како и годините наназад, повторно ќе биде носен крстот низ градот. Биедејќи крстот ќе биде во цркавата ќе можат сите верници да дојдат да се поклонат и да го целиват крстот во соборната црква Св. Никола- Изјави Г. Иларион, митрополит Брегалнички. 

Еден час порано свет крст во водите на Брегалница се фрлаше и во штипско Ново село. Таму најуспешен беше 29 годишниот Антонио Станков.

-Втор пат го фаќам. Прв пат ми беше во 2018-та- изјави Антонио Станков, жител на Ново Село. 

Токму во Ново село пред 6 години се случи големиот скандал кога Борислава Васкова го фати крстот, за да веднаш потоа на најподол начин и биде одземен од раце. Подоцна овој немил настан беше инспирација за филмот Господ постои, името и е Петрунија.