Македонија
7. December 2016 - 9:21

Скандал: ТВ Телма не ја објавила целата анкета!?

 
На пет дена до изборите, телевизија Нова претставува нови податоци од анкета на јавното мислење. Кој ќе биде идниот премиер, кој најмногу  ги штити националните интереси, која политичка опција е поблиска со ставовите на граѓаните, ова се само дел од прашањата на кои одговор се бараше од 1000 испитаници, во периодот од 26.10 до 5. 11.
 
Инаку телевизија Нова оваа анкета ја нарача од истата рејтинг агенција која подготви теренско истражување и за телевизија Телма. Резултатите од двете анкети драстично се разликуваат, а дел од анкетните прашања не се објавени во јавноста. Затоа телевизија Нова во целост ви го прикажува расположението на електоратот.
 
На прашањето упатено до македонските граѓани – во  кој политичар  имате најмногу доверба,  нешто над 32% изјавиле дека му веруваат на Никола Груевски , лидерот на СДСМ Зоран Заев добил 14,6% од подршката на анкетираните. Следува прашањето кој  има повеќе реализирано од предизборната кампања во минатото. Високи 55,8% добива Груевски наспроти 16,6% Заев.
 
Кога се во прашање  националните интереси, соодносот помеѓу Груевски и Заев изнесува 2:1.  49,6% од анкетираните сметаат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ води повеќе грижа за националните интереси, додека за Заев се изјасниле 23,2%..
 
Анкетата продолжува со прашањето која партија е поактивна на терен – со граѓаните, соодносот помеѓу владеачката и опозициската партија е 5:1 или 67,2% од испитаниците сметаат дека тоа се претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, а за СДСМ истото го сметаат 11,7%.
 
Речиси идентичен е и резултатот за тоа кој е подобро организиран во внатрешната организираност – 64,1% 14,7%.43,8 % од испитаниците сметаат дека нивните сопствени ставови и размислувања се поблиски до ставовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, а поблиски до СДСМ во размислувањата се чувствуваат 22, 5% од граѓаните.
 
Во однос на оддржувањето на изборите, доколку утре се оддржат изборите 29,7 % својот глас би го дале за ВМРО-ДПМНЕ, 20,6% проценти за СДСМ.
 
Во истражувањето што го објави Телма, според објавата од телевизијата, вклучен бил и Институтот за демократија. Оваа невладина, пред две години во пресрет на Превремените избори во 2014 година, исто така направи истражување на јавното мислење, според кое разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е 5,2%, а на изборите владеачката партија победи со 11% разлика. Ако сега разликата е 3%, а е работена според иста методологија, математиката вели дека разликата на овие избори би била околу 8,8% односно 160.000 гласа, пренесува телевизија Нова.