Македонија
14. September 2016 - 19:31

СЈО утре поднесува извештај - Ќе биде ли овој пат транспарентно?

Утре изминува една година од основањето на Специјалното јавно обвинителство и донесувањето на Законот за специјално обвинителство, период во кој СЈО отвори неколку предистражни и истражни постапки, но не поднесе ниту едно обвинение за кои има законски рок од 18 месеци. На годишнината од основањето, од СЈО најавуваат дека утре до Собранието и Советот на јавни обвинители ќе го поднесат вториот шестмесечен извештај за својата работа, кој исто така ќе биде јавно достапен и на нивната интернет-страница. Сепак,  Катица Јанева повторно не открива дали таа лично ќе го презентира извештајот или тој ќе биде само доставен до овие две институции како што тоа беше случај со претходниот извештај од 15 март, кој беше повод за жестоки расправии меѓу СЈО и Советот, кој инсистираше Јанева лично да образложи делови од него. За нетранспарентно работење на СЈО обвинуваше и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ која повеќепати ја повика Јанева во Собранието.  Пратениците од владејачката партија и овој пат најавуваат дека извештајот на СЈО нема да се разгледува без присуство на Катива Јанева. Во изјава за порталот МКД.мк, потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски вели дека доколку Јанева не се појави во законодавниот дом, ќе ги прекрши постулатите на транспарентност и владеење на правото, нема да даде добар пример и ќе остави сомнеж дека нешто крие.

Според Законот за СЈО, јавниот обвинител има обврска на секои шест месеци да поднесува извештај за своето работење, вклучувајќи и опис за напредокот во која било истрага.