Македонија
15. September 2016 - 17:39

СЈО со шестмесечен извештај, две обвиненија - ВМРО-ДПМНЕ: СЈО користи двојни стандарди

Специјалното Јавно Обвинителство ги поднесе првите обвиненија. До судот обвинителите на Јанева ги покренаа случаите за уништување на документи за прислушувањето и за протестите во општина центар.

Денес Јанева го презентираше и шес тмесечниот извештај за работата на нејзиното обвинителство.

Обвинителството избегнуваше да одговори на новинарските прашања за извештајот, единствено потврдија дека новинарот Панта Џамбазовски е ангажиран да работи кај нив, а не одговорија за Огнен Јаневски и Нора Шакири.

СЈО го покрена случајот за протестите кои во јуни 2013 се случуваа пред општина центар, кога незадоволните граѓани протестираа пред собранието на општината поради предлог ДУПОТ со кој се предвидуваше рушење на црква.

Според обвинителите на Јанева овие протести биле насилни и биле организирани од раководството на една политичка партија со цел да му се наштети на градоначалникот на центар Андреј Жерновски.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека, обвинителката Фатиме Фетаи тргнала отворено против сите граѓани кои одлучиле да излезат на протест против спречување на изградба на црквата во Општина Центар, откако и претставници на Македонската православна црква и здружението на граѓани Веритас се спротиставија на намерите на Андреј Жерновски и советниците на СДСМ да не дозволат да се гради Црквата Свети Константин и Елена.

- Обвинителката Фатиме Фетаи реши да тргне против верниците кои имаат уставно загарантирано право на протест и имаат право да го изразат сопственото негодување со политиките на Жерновски и СДСМ, само заради тоа што предизвикале материјална штета од 20 евра. Фатиме Фетаи и Катица Јанева ги игнорираат штетите од милиони евра предизвикани од вандалите на платеничката револуција - стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ од каде додаваат дека ВМРО ќе ги издржи и овие политички нарачки и ќе остане со народот.