Македонија
18. January 2017 - 11:28

СЈО го повлекува обвинението за предметот „Пуч“

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) соопшти дека со поднесок што во текот на денешниот ден ќе биде доставен до Основниот суд Скопје 1 Скопје, се откажа од обвинителниот акт за предметот „Пуч“ од причина што, како што наведуваат, фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои ова Јавно обвинителство располага и со наодите во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.

Од СЈО велат дека ваквата одлука е со цел да се приберат дополнителни докази што во целост ќе ја разјаснат фактичката состојба и ќе овозможат донесување на правилна и законита јавнообвинителска одлука.

- Појаснуваме дека, во насока на професионално работење, ние не може да застапуваме обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаме и истрагите отворени од наша страна. Воедно укажуваме дека со откажување од обвинителниот акт во предметот „Пуч“ ние не прејудицираме дали некој е невин или виновен, туку сметаме дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба, потребни се дополнителни докази, кои не можат да бидат прибавувани во фазата на главна расправа, стои во соопштението од СЈО.

Во судскиот процес „Пуч“, покрај лидерот на СДСМ Зоран Заев, обвинети се и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, општинскиот службеник од Струмица, Бранко Палифров и Ѓорги Лазаревски, вработен во МВР. Тие се товарат за шпионажа и за насилство спрема претставници на највисоките државни органи.