Македонија
18. January 2017 - 16:05

СЈО го повлече обвинението за предметот „Пуч“ во кој осомничени се Зоран Заев и Зоран Верушевски

Специјалното јавно обвинителство се откажа од обвинителниот акт за предметот „Пуч“. СЈО смета дека фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои ова Јавно обвинителство располага за предметите „Таргет“ и „Тврдина“. Од СЈО велат дека ваквата одлука е со цел да се приберат дополнителни докази што во целост ќе ја разјаснат фактичката состојба и ќе овозможат донесување на правилна и законита јавнообвинителска одлука.

- Појаснуваме дека, во насока на професионално работење, ние не може да застапуваме обвинителен акт кој е во спротивност со доказите со кои располагаме и истрагите отворени од наша страна. Воедно укажуваме дека со откажување од обвинителниот акт во предметот „Пуч“ ние не прејудицираме дали некој е невин или виновен, туку сметаме дека за целосно и точно утврдување на фактичката состојба, потребни се дополнителни докази, кои не можат да бидат прибавувани во фазата на главна расправа, стои во соопштението од СЈО.

Во судскиот процес „Пуч“, покрај лидерот на СДСМ Зоран Заев, обвинети се и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, општинскиот службеник од Струмица, Бранко Палифров и Ѓорги Лазаревски, вработен во МВР.

Дел од експертската јавност оваа одлика ја оценува кака скандалозната , но не и неочекувана, бидејќи Заев практично и не се појави во судница наоѓајќи разни апсурдни оправдувања за одложување на рочиштата. Експертите оценуваат дека тој во координирана акција со СЈО бега од правдата и ова е втора амнестија за него.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ уште пред неколку месеци најави дека овој процес ќе добие ваков епилог, оценувајќи го СЈО е само продолжена рака на СДСМ.

СДСМ пак смета дека оваа одлука на СЈО е потврда дека процесот бил неоснован и измислен.

-Таканаречениот случај Пуч ќе остане запишан во историјата на Македонија како еден од обидите на режимската власт за прогон на политички противници, но и како доказ, охрабрување и поука, дека никој и ништо не може да застане на патот на вистината и на правдата, стои во соопштението на СДСМ.

Инаку ова не е единствениот кривичен предмет кој се води против лидерот на СДСМ. Случајот Поткуп, каде Заев е снимен како бара пари, не е во ингеренции на Специјалното јавно обвинителство. И во овој процес лидерот на СДСМ ги одлага рочиштата, таков беше и последниот пат.