Македонија
10. September 2019 - 16:44

СЈО чека одговор од Јовевски, обвинителите загрижени за својата и судбината на снимките од ,,бомбите‘‘

Специјалното обвинителство го чека планот на Јовески за преземање на предметите.. Тој викендов најави дека примопредавањето ќе се врши предмет по предмет.. Во СЈО засега не знаат кога ќе почне постапката..

„Немаме добиено писмен допис од страна на Јавното обвинителство на РСМ за да можеме да известиме дали и како ќе се постапува со предметите на ова јавно обвинителство“, велат од СЈО..

Дел од обвинителите во СЈО сметаат дека кратко ќе трае процесот на пренесување на предметите.. Планот за префрлање очекуваат да го направи Љубомир Јовески..

„Тоа може многу брзо да се случи, и предавањето на предметите и повторно доаѓање во судница. Може и на други обвинители, може истите обвинители како што кажа и Обвинителот Јовески. Каква техникалија ќе изведе Јавното обвинителство, ќе видиме“, изјави Гаврил Бубевски, Обвинител од СЈО.

Во меѓувреме судењата по предметите на СЈО се прекинуваат.. На рочиштето за Транспортер, судијката Добрила Кацарска рече дека со одлуката за префрлање, блокирана е работата на судот и постапките не смеат да продолжат..

За одбраната во овие случаи, незаконска е одлуката за преместување на предметите.. Велат дека за тоа треба да одлучува собранието..

„Законот за СЈО не дава таква можност на специјалната обвинителка да ги делегира овие предмети на било кое друго обвинителство. Апсурдот да биде поголем, имаме постапување по наредба на лице кое што е притворено за злоупотреба на службена положба и овластување и прибавување на противправна имотна корист токму во врска со превземање на кривично гонење“, изјави Сања Алексиќ, адвокат.

Освен предметите, неизвесна е судбината и на вработените во СЈО.. Велат дека нивниот мандат трае до 15 септември, но без заменик на специјалниот обвинител или нов закон за обвинителство, не знаат како ќе ги остварат правата од работен однос ниту пак кој ќе се грижи за доверливите документи кои се сместени во објектот..