Бизнис
17. February 2019 - 16:32

Сивата економија ја зголемува официалната бројка на невработени лица и му штети на бизнисот

Бројот на невработени луѓе во државата е помал од официјалниот. Голем број работат во сивата економија, тврди бизнисот. Сивата економија е голем проблем и за државата и за приватниот сектор. Државата мака мачи бидејќи од работниците и компаниите во сивата зона не може да си ги наплати даноците.

-Сивата економија е многу голем проблем и за приватниот сектор. Затоа што ја поткопува конкуренцијата, ја поткопува компетитивноста на компаниите кои што работат прописно, плаќаат даноци со што се зголемува цената на нивното работење, наспроти фирмичките кои што функционираат во сивата зона. Тие немаат такви трошоци, така што можат да си дозволат цените да ги држат пониски, вели Дијана Десподов, извршен директор на Американската стопанска комора во Македонија

Бизнисот се жали и дека државата ги „краде“ работниците. Иако е мал бројот на работници кои може да работат и во администрацијата  и во приватниот сектор, во Македонија се уште е престиж да се биде буџетар.

-Ако секој очекува да си најде место во јавната администрација, тогаш можеме да очекуваме дека навистина нема да се фокусираат да егзистираат и работат во реалниот бизнис. За жал, гледам дека тој етос се пренесува и на помладите генерации и кај кои ја гледам таа тенденција или да заминат од државата или да влезат во јавната администрација, истакна Десподов.

Дека работа во државните институции е привлечна за сите покажуваат последните случаи на непотизам. Роднини на голем број државни функционери беа вработени во администрацијата, најчесто во ЕЛЕМ и МЕПСО, каде што платите се повисоки од државниот просек.