Македонија
15. December 2018 - 17:00

Сител тема: Дали преговорите со ЕУ ќе донесат промени во некои македонски традиции или тоа е само мит?

Со приближувањето на пристапните преговори, за членство на Македонија во Европската Унија, растат стравувањата кај македонските граѓани за забрана на производство на традиционални домашни производи.
 
Обично најчести се стравувањата за производите кои се омилени кај македонските граѓани и кои секојдневно се наоѓаат на трпезата, но и на пазарите низ земјава.
 
,,Дали со овој казан за дестилирање алкохол повеќе нема да смее да се пече традиционалната домашна ракија и мастика е дилемата или стравувањето што се создаде кај Македонците, но и кај сите земји од Балканот во нивната желба да станат дел од ЕУ! Мит или не ги прашавме граѓаните!
 
Но, стравовите не завршуваат кај домашната ракија или вино. Меѓу  дилемите што ги регистриравме се забрана за колење свињи и друг добиток и производство на домашни сувомесни производи, потоа млеко и млечни производи, мед, разни зимници, како и производство само на одредени сорти и форми на овошја и зеленчуци.
 
,,Кои митови за ЕУ беа најприсутни кај најмладата членка на Европската Унија, Хрватска? Одговорите ги барам кај амбасадорката Данијела Баришиќ.
 
,,Имаше тука и работи како: Ние повеќе нема да можеме да произведуваме сирење и павлака, тоа е нешто како урда и павлака. Секако дека може да се произведува, секако дека може да се продава. Единствено мора да го продавате од мали фрижидери, што секако градот и државата го овозможија. Потоа беше проблемот дека нема да можеме да произведуваме домашна ракија. Може секако. И денеска се произведува ракија за сопствени потреби. Но, ако сакате да ја продавате морате да имате некакви сертификати, некакви дозволи за продажба. Главно се покажа дека за се што се плашеа луѓето, што мислеа дека ќе биде забрането не е вистина. Се постои, се можете да правите, само постојат некакви правила до кои морате да се придржувате‘‘, вели амбасадорката на Р. Хрватска Данијела Баришиќ.
 
За разбивањето на митовите во Хрватска лично помагал и тогашниот Претседател на Европската Комисија.
 
,,И тогаш дојде тогашниот претседател на Комисијата Баросо кој пред камерите јадеше сирење и павлака, за да видат дека луѓето дека, тоа ќе можат и натаму да го произведуваат. Бидејќи ако некој кој доаѓа од Брисел и јаде и нема проблем, значи ќе можеме и ние и понатаму‘‘, додава Баришиќ.
 
Вистината е дека, на пример печењето ракија е дозволено сегде се додека таа е за лична консумација. Најчесто количината за домашна употреба е ограничена, а за пласман на пазарот се плаќа акциза и данок, или во институциите или кај овластени печачи на ракија.
 
Исто е и за сите други домашни производи кои слободно може да се произведуваат се додека се за домашна употреба, а не за продавање. Главно разиката се состои во бројните директиви и строги закони во ЕУ кои се однесуваат на хигиенско-санитарни услови, квалитетот и информации за производите наменети за пазарот.
 
,,На кој начин хрватските власти се бореа против создавање на евроскептицизам за да им докажат на граѓаните дека навистина ќе можат да го прават истото што можеле да го прават пред да станат дел од ЕУ?‘‘
 
,,Ние правевме информативна кампања која траеше доста долго, секако уште пред да влеземе во ЕУ и пред да ги почнеме преговорите. Тргнавме со информативна кампања и таа се викаше токму вака ,,Митови и невистини за ЕУ‘‘ и потоа имавме кратки видео филмови, имавме тркалезни маси, и на граѓаните им објаснувавме што ги чека и како ќе бидат заштитени кога ќе влеземе во ЕУ. Ние имавме среќа што имавме нешто што се велеше ,,Сојуз за Европа‘‘, значи и опозицијата и позицијата заеднички работеа на достигнување на целта, а тоа е влез во ЕУ и НАТО. Така што, сите навистина афирмативно зборуваа за ЕУ. Тоа не значи дека зборувавме само за позитивните работи. Зборувавме и за предизвиците. Секако, не е се мед и млеко. Но, во секој случај е многу подобро и и многу посредено отколку претходно‘‘, вели Баришиќ.
 
Во Македонија одамна нема информативни кампањи за митовите за ЕУ, иако се очекува земјава да ги почне преговорите за членство следното лето. Но, затоа на веб страницата на Европската комисија е поставен блог на кој се запишани стотици митови по абецеда уште од почетоците на Унијата во сегашната форма. Со проширувањето на Унијата се прошируваат и легендите.
 
,,Митовите за ЕУ немаат крај. И краставиците не мора да бидат прави за да се најдат на рафотовите во продавниците. Слободно произведувајте домашни вкусни сорти крставици, па макар тие биле и криви‘‘.
 
Валентин Николоски, Сител Телевизија.