Македонија
17. November 2018 - 16:27

Сител интервју со Јан Фигел-Кои поглавја ќе бидат критични во преговорите со ЕУ?

Господине Фигел, добредојдовте во Македонија и Ви благодарам за ова интервју. Една од најинтересните работи во вашата биографија е што сте биле главен преговарач на Словачката Република во преговорите за пристапување во ЕУ. Кои беа круцијалните, најтешките поглавја со кои се соочивте?

          Ви благодарам за можноста да зборувам пред македонскиот народ. Пристапниот процес и интеграцијата се најмногу домашно прашање. Интеграција во ЕУ почнува дома. И многу е важно главниот преговарач и политичарите да работат со луѓето. Се разбира дека има тешки, специјални поглавја. Кај нас тоа посебно беше законот за конкурентност, поради државната помош за одредени производители на автомобили и на челик. Чувствително беше и прашањето за енергијата, поради нуклеарната централа. Потешкотии со слободното движење на капиталот, поради сопствеништвото на земјиштето. Екологијата, финансиските прашање, земјоделството. Но, тоа е изводливо и се премостуваат тие сензитивности. Најважно е да се биде фер во процесот и да се разбере дека преговарањето е за домашни решенија кои ќе бидат компатабилни со меѓународните, односно тие на ЕУ.

          Како дел од Националната конвенција на ЕУ во Македонија, свесен сте за состојбата во Македонија. Кои ќе бидат најтешките поглавја за земјата за време на преговорите во пристапниот процес?

          Знаете тоа не е натпревар во убавина или натпревар за поглавја. Се додека сите не се затворат, ништо не е готово. Затоа морате да размислувате пошироко за сите поглавја. Се разбира дека вашата сензитивност е насочена кон македонските посебности. Но, не мислам дека има нешто што би можело да биде драматично, незамисливо, или многу тешко прашање за преговарање и решавање. Видете, вие веќе сте прилично добро подготвени од пред 10 години. Би рекол дека многу време е изгубено и треба да забрзате за да добиете добри препораки или оценки од Европската Комисија во пролетниот извештај и да ги почнете преговорите. Ќе бидат потребни повеќе години. Во нашиот случај тоа беше 34 месеци, односно речиси 3 години, но ќе влезете.

          Но, можете ли да посочите некои од областите или поглавјата кои ќе бидат најтешки за Македонија во преговорите?

          Би спомнал или би го ,,вперил прстот‘‘ кон едното за кое дискутиравме овде на Националната конвенција во Скопје. Тоа е поглавјето 23 кое зборува за правосудството и основните човекови права. Зошто? Бидејќи нема многу околу легислатива, околу европско законодавство, туку е многу круцијално за функционирањето на демократијата и за веродостојноста на политиката како демократска земја. Без независно и ефикасно правосудство ние сме изгубени, како демократски општества. Потребно ни е независно, ефикасно, кредибилно судство, за правда за сите, дури и за криминалците. Ова поглавје исто така ја вклучува и борбата против корупција. А, корупцијата овде и во другите земји во Западниот Балкан е многу присутен феномен. И мора да се справите со тоа бидејќи е како канцер, ќе го уништи телото.

          Но, некои експерти рекоа дека македонското законодавство е далеку поприлагодено кон европското и дека администрацијата е поспособна отколку во другите земји-кандидати.Оттаму, дали процесот на преговори би одел побрзо, дали го делите нивното мислење?

          Повеќе ја споделувам желбата и секако отвореноста на таквиот процес. Јас бев преговарачот, кога Словачка изгуби години, пред да дојдеме на власт, кога претходната влада беше многу автократска и навистина некомпатабилна со европските политики. И сакавме да и се придружиме на Европската Унија заедно со соседите бидејќи тоа беше најдоброто сценарио, без да се демонтира царинската унија, односите со соседите, Унгарците, Пољаците и Чешката Република. И успеавме. Но, треба да се работи напорно, не смеете да изгубите повеќе време. Не треба да работите само на усвојување на легислативата, туку на имплементација. И сето тоа може да се направи сега, со цел да се забрза процесот на преговори и конечно пристапувањето.

          Зошто овој процес на преговори трае толку долго? На пример, вие бевте главен преговарач 5 години. И со секое проширување на ЕУ процесот на некој начин се продолжува за секоја следна земја-кандидат. Како може Националната конвенција за ЕУ во Република Македонија да помогне за да се забрза тој процес?

          Преговорите се покомплексни, понекогаш и покомплицирани бидејќи ,,семејството‘‘ е поголемо. Имаме повеќе членки, сега се 28, но ,,куќата‘‘ е многу отворена. Можно е и да се напушти. Ова не е советското интегрирање со угнетување. Обединетото Кралство одлучи да си замине, и жалам што заминуваат, и ќе видиме какво ќе биде вистинското сценарио. Но, што повеќе членки, што поискусна Унија, на пример сега со новиот Лисабонски договор, постои членот 7 кој зборува за санкции кон земјите-членки, не санкции кон кандидатите. И како што знаете сега се води процес против Полска. Значи треба да земете предвид дека сме покомплексни, позрели, дека критериумите се посериозни. Но, тоа не е без аргументи, тоа е добро за кандидатите, добро за Унијата, за кредибилна и силна Европа.

          Кои ќе бидат првите чекори на Националната конвенција за да се забрза овој процес за Македонија?

          Мислам да се подигне свеста кај сите луѓе дека времето тече и дека тоа е важен процес за Македонците кои живеат овде, не за Брисел или администрацијата или бирократите за среќата на некој друг. Се работи за, м Македонија во иднина да живее во мир и просперитет. Тоа е возможно. Би рекол, Словачка кога и се придружи на Унијата имаше околу 50% од бруто домашниот производ по глава на жител од Унијата, а сега сме на ниво од 75%, само по 10-15 години. Тоа е возможно, но се разбира дека треба да работите напорно. Интеграцијата не запира со членството. Процесот по пристапувањето е дури позахтевен, бидејќи споделувате одговорност. Преговорите во Унијата продолжуваат, бидејќи на масата има нови легислативи, нови иницијативи, нови предлози. Значи тоа е процес што побарува, но и многу наградува. И Националната конвенција треба да ја подготви земјата да биде што позрела во овој процес. Не да ги подигне очекувањата превисоко, туку посветеноста. Сигурен сум дека со Националната конвенција, која исто така ја имавме во Словачка, можете да бидете успешна земја.