Бизнис
15. September 2019 - 16:40

Сител дознава - Владата и синдикатот согласни минималната плата да се зголеми на 14.000 денари

До крајот на октомври се очекува да се знае колку ќе изнесува  минималната плата.

Сител дознава дека Владата и Синдикатот  притискаат да изнесува 14 илјади денари, работодавачите се против.

Финансискиот товар би бил превисок за нив и дел  ќе морале да стават клуч на врата, посебно во трудо интензивните дејности, каде работат 130 илјади работници. 

Власта ги убедувала дека со мерката за повисоки плати, ќе им ги плати придонесите, освен персоналецот, па на тој начин зголемувањето на платите ќе биде оправдано.  

Сепак, аргументите на работодавачите биле дека мерката е временски лимитирана на 3 години, а немале гаранција што понатаму.

Инаку, вчера Конфедерацијата на слободни синдикати побара минималецот да изнесува 16  илјади денари, со оглед на порастот на просечната плата и зголемената потрошувачка кошница на 32 илјади денари, за едно 4- члено семејство да си ги покрие основните животни потреби.

Исто така од КСС бараат со растот на минималецот, да се зголемат платите на сите вработени, вклучивајќи ја и државната администрација.

Премиерот Заев неколку пати најави дека оваа година ќе има зголемување на минималната плата и тоа од јули. Но,преговорите со социо економскиот совет сеуште траат.

Инаку, според Евростат, највисок минималец од над 2,000 евра има во Луксембург. Во регионот,  Словенија исплаќа минамалната плата од  805 евра, Грција речиси 700, Бугарија 286. евра.

Во земјите кои не се членки на Унијата, платите се под 250 евра. Во Србија минималецот е 227евра, но Владата најави по Нова година ќе се зголеми за 25 евра. И во Албанија и кај нас 210 евра.