Македонија
26. July 2017 - 19:19

Сител анализа: Искусни и проверени кадри или нови амбициозни кандидати

Искусни и проверени кадри или нови амбициозни кандидати. Ваква дилема стои пред политичките партии во пресрет на локалните избори кои според последните измени на Изборниот законик се закажани за 15 октомври.
Според територијалната организација но и последните резултати од парламентарните избори најжешка есен по се изгледа и оваа година ќе имаме во Скопје.
Таму за изборната трка речи си извесно е дека ВМРО-ДПМНЕ повторно го подготвува актуелниот градоначалник Коце Трајановски. Тој денеска не сакаше ниту да ја потврди, ниту пак да ја демантира оваа информација

И во СДСМ не може да се добијат многу официјални информации, освен тоа дека внатрепартиските анализи се во полн ек и токму тие треба да ги дадат имињата на кандидатите со кои партијата ќе ја бара довербата на локалните избори. Во недостиг на официјални информации, партиски брифери велат дека во игра за градоначалник на Скопје од редовите на СДСМ се Петре Шилегов и Стево Пендаровски. Покрај нив, се врти и името на Андреј Жерновски, кој според последните информации, најверојатно нема да добие поддршка од Бихаќка за Центар бидејќи таму, најверојатно кандидат на СДСМ ќе биде директорот на ПОЦ, Саша Богдановиќ. Во ВМРО-ДПМНЕ се бира меѓу неколку кадри за изборната трка во најбогатата скопска општина. Меѓу нив се споменуваат Сашо Стефановски кој е претседател на општинскиот комитет но и пратеничката Даниела Рангелова и актуелниот општински советник Томи Лазаров.
Жешка битка се најавува и во општина Аеродром. Актуелниот градоначалник Ивица Коневски најверојатно ќе бара нов мандат иако од ВМРО-ДПМНЕ ја проверуваат и популарноста на пратеникот Драган Данев и актуелниот претседател на општинскиот комитет Синиша Стојановски. Во изборниот ринг, веќе добро загреан кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ го чека Златко Марин од СДСМ.
Пратеникот Јохан Тарчуловски според неофицијалните информации има големи шанси да стане нов градоначалник на Кисела Вода доколку ВМРО-ДПМНЕ го одбере во конкуренција на актуелната градоначалничка Беличанец ,директорот на Водовод Атанасов и екс директорот на агенцијата за млади и спорт Марјан Спасевски. И СДСМ има поширок круг на кандидати во оваа општина а како најсериозен се споменува синот на бизнисменот Зоре Темелковски Филип кој е и претседател на општинскиот одбор на владејачката партија во оваа скопска општина.

За Бутел, се уште не се знае дали актуелниот градоначалник Петре Латиновски ќе влезе во изборната трка или кандидатот ќе се бира меѓу Весна Дамчевска Илиевска и Дарко Костовски. Во СДСМ дилемата е дали да се оди со кадар од бизнис секторот или пак да се предложи актуелниот општински советник во Бутел, Сенад Смаиловиќ.
Актуелниот градоначалник Тони Трајановски е еден од најсериозните кандидати за трката за нов мандат во Гази Баба. Покрај него, од ВМРО-ДПМНЕ во игра е и Милан Андоновски кој на последните избори беше носител на советничката листа.

Неизвесно е дали Сокол Митревски ќе бара нов мандат од граѓаните на Ѓорче Петров или место него, ВМРО-ДПМНЕ ќе го предложи актуелниот претседател на општинскиот комитет Методи Наковски или екс министерот Владо Мисајловски, чие исто така се врти во партиските кругови. Таму од СДСМ противкандидат најверојатно ќе му биде Александар Наумовски.
За во Карпош ВМРО-ДПМНЕ изборот го прави меѓу Стевчо Јакимовски и актуелниот претседател на општинскиот совет Сашо Лазаревски. И СДСМ гледа шанси за оваа позиција но својот кандидат не го откриваат.

Во Чаир очекувано албанските политички партии ќе ја водат предизборната битка иако и СДСМ сака да грабне дел од колачот а адут за тоа најверојатно ќе им биде Мухамед Зекири. Се очекува да се бори против Бесим Кока од ДУИ, Идриз Орана од ДПА и кандидатот на БЕСА до чие име не успеавме да дојдеме.
Надвор од Скопје интересно ќе биде да се види кој ќе биде новиот градоначалник на Струмица по повеќе од една деценија како и дали кумановскиот градоначалник Зоран Дамјановски и натаму ќе остане да раководи со градот. Интересна трка се очекува и во Битола и Охрид.

Политичките партии велат дека е рано да се коментираат евентуалните кандидатури.
Господинот Талат Џафери најави дека изборите ќе ги распише на 6 август.