Бизнис
8. November 2018 - 19:26

Сите возила ќе добијат налепници за да се знае колку загадуваат

Државата повторно ќе субвенционира вградување плин во возилата. И оваа Влада ќе дава парична поддршка на граѓаните за набавка на нови еколошки автомобили, со цел поголема заштита на животната средина. Новиот закон за возила налага при техничкиот преглед секој автомобил да добие налепница што покажува колку загадува. Ќе се формираат и зони за движење на автомобилите според степенот на емисија на штетни гасови. 

“Во новиот предлог закон предвидено е налепница за сите автомобили во сообраќај за нивната еколошка категоризација: црвена, жолта и зелена, во зависност од условите што ги исполнува возилото. Истовремено, предвидена е и Програма што треба да ја донесе Министерството за економија, што се однесува на субвенционирање и поддршка на сите граѓани за набавка на нови автомобили, електрични или хибридни, а и тие што ќе одлучат нивните автомобили да воспостават плин или метан, а исто и за тие што ќе отстапат од старите и ќе купат нови возила”, изјави Крешник Бектеши, министер за економија.

Новиот закон предвидува секое лиценцирано такси возило да добие нова жолта табла, со што ќе се разликува од дивите такси превозници. Надлежните очекуваат дека на тој начин нелегалните таксисти лесно ќе се препознаваат и ќе може веднаш да бидат отстранети од сообраќај. 

“Секако дека ова ќе предизвика дополнителни трошоци за нас, но тие се минорни во однос на штетите што ги трпиме од работата на дивите превозници во овој сектор. Прифатено е нашето барање. Ова ќе биде многу добро и за таксистите и за граѓаните”, вели Абдула Рушити, претседател на Здружението на таксисти.

Новиот закон влегува во собраниска процедура, а изготвен е во соработка со Здружението на таксисти, во кое членуваат 53 такси компании.