Loading Video...
Фудбал
5. May 2020 - 19:09

Сите рокови за рестарт на мак –фудбалот пробиени, време е да се размислува за новата сезона ?!

Потребно ли е продолжување на домашното фудбалско првенство во услови на пандемија и пауза од речиси два месеци во кои фудбалерите буквално се без тренинг.  Без одговор од ФФМ и надлежното министерство клубовите излез гледаат кон прекин на сезоната и пристапување кон подготовки за следната. 
Како и поголемиот број европски шампионати така времето го гази и македонското првенство. ФФМ упорно бара конкретен одговор од Министерството за здравство кое раководи со вонредната состојба во земјата предизвикана од пандемијата. 
Можеби е ред и во нашата федерација да се запрашаат има ли можност  првенството да продолжи во вакви услови. Опасноста од ширењето на заразата не  е надмината, клубовите се уште се без тренинг а голем дел од странците се во своите домови и најчесто во карантин. 
Приликите во Европа се знаат добро. Засега многу побогати земји од Македонија прогласија прекин на првенството како Франција, Холандија и Белгија. Логично според пласманот на табелата беа прогласени и шампиони.  Во оние најбогатите се уште се надеваат на рестарт на сезоната  и спас од финансиски крах но засега сите рокови се пробиени по жестоките реакции на  здравствените власти. 
Во ваква ситуација дел од медиумите соопштија дека ФФМ планира рестарт до 31 мај и одигрување на сите преостанати кола. Вториот датум е 10-ти јуни со што би се одиграле само 4 кола за да се исполни квантумот и се прогласи шампион.  
Очигледно на клубовите состојбата им е многу појасна.  Тие трпат големи финансиски загуби особено поради неизвесноста се игра не се игра.  Последната реакција од здравствените власти е дека состојбата во овој момент не дозволува играње фудбал.  Датум нема а ако се знае дека се потребни најмалку три-неделни подготовки на екипите, потоа редовно тестирање на фудбалерите на неколку дена и пред се изготвување на издржан протокол за одигрување на натпреварите тогаш повеќе од јасно е дека тешко ќе се стартува со првенствени натпревари до средината на јуни. 
Очигледно најразумна опција во овој момент е да се тргне по стапките на Франција Холандија и Белгија и да се прогласи прекин на првенството со цел да им се овозможи на екипите да одморат, да се консолидираат и ги направат потребните подготовки за стартот на новата сезона на почетокот на месец август.  Се друго би значело неизвесност и нова финансиска дубиоза за македонскиот фудбал.