Македонија
22. January 2018 - 10:22

Сириза и Нова Демократија со став за вчерашниот протест во Солун за името

Вчерашниот собир во Солун за „одбрана на името Македонија“, на кој според грчката полиција присуствуваа околу 90.000 граѓани, го коментираат двете најголеми грчки партии.

Како што јавува дописникот на МИА од Атина, од Нова демократија упатуваат критики и обвинувања до владата, од владејачката СИРИЗА, пак, велат дека мнозинството граѓани сакаат решение далеку од иредентизмот и национализмот.

Владата дејствува тајно и е неспособна да ги одбрани националните интереси, вели Кирјакос Мицотакис, претседателот на грчката опозициска партија Нова демократија коментирајќи го вчерашниот протест во Солун.

– Импресивното учество на протестот ја покажува особено големата чувствителност на општеството за прашањето за името на Скопје. Ја почитувам и ја делам оваа чувствителност. Ниту малите радикални елементи не можат да го сменат карактерот на овој голем народен протест. Протест кој во исто време ја изразува огорченоста на граѓаните кон една влада што дејствува тајно и што со нејзините дела и пропусти, покажува дека е неспособна да ги одбрани националните интереси, вели лидерот на опозициската Нова демократија.

Од владејачката СИРИЗА, преку соопштение коментираат дека никој не го оспорува правото на граѓаните да учествуваат во протести, но и дека не е спорно дека на протестот учествуваа граѓани што немаат никаква врска со радикалната десница. Сепак, потенцираат дека на собирот доминирале елементи на фанатизам, национализам и нетолеранција со забележливо присуство на Златна зора.

– Мнозинството грчки граѓани сакаат решение, што ќе ги заштити интересите на земјата и стабилноста на Балканот, наспроти иредентизмот и национализмот. А за ова решение посветено работи денешната влада со чувство на национална одговорност, соопштува СИРИЗА, пренесува МИА.