Свет
12. March 2016 - 20:32

Сириските бунтовници соборија ловец на режимот на Асад над централната провинција Хама

Сириска бунтовничка група денеска соборила ловец на сирискиот режим, над село во централната сириска провинција Хама, пренесоа светските агенции, повикувајќи се на сирискиот Центар за мониторинг на човековите права.

Според Центарот, исламистичката група „Ахрар аш Шам“ истрелала две ракети по воениот авион што прелетувал над селото Кафр Набуда. Првата ракета не го погодила леталото, но втората го соборила. Авионот паднал во зона што ја контролираат силите на режимот на Башар ал-Асад.

Судбината на екипажот засега е непозната, јави Центарот.

Провладина станица, меѓутоа, информира дека сирискиот „МИГ-21“ се урнал во реон на Кафр Набуда, но поради технички проблеми, а не затоа што бил соборен.

Според станицата, пилотот успеал да се катапултира и веднаш му била укажана помош од сириските владини сили.