Свет
26. November 2015 - 20:34

Сирискиот конфликт прераснува во светска војна?

Соборувањето на рускиот авион од страна на турското Воено воздухопловство во близина на турско-сириската граница, сериозно го заостри судирот кој се шири се побрзо и се по непредвидлива, оценува американската телевизија Си-Ен-Ен.

Според телевизијата, на овој инцидент му претходеа нападите во Париз, кои по својот обем беа едни од најголемите на европско тло по Втората светска војна, додека Брисел, седиштето на ЕУ и НАТО, е делумно блокиран поради стравување од терористички акции.  

По соборувањето на авионот, Русија реагираше гневно обвинувајќи ја Турција дека е „соучесник на терористите“, а рускиот претседател Владимир Путин и се закани на Анкара со „сериозни последици“.

- Доколку соборувањето на авионот се случеше за време на Студента војна, веќе ќе бевме подготвени на можноста за избувнување на нуклеарна војна, се наведува во анализата на Си-Ен-Ен,   

Но, иако сега Студената војна е завршена, сепак ривалството меѓу Русија и Западот продолжува. Па, така иако двете страни тврдат дека се борат против џихадистичката група Исламска држава, која е оценета како главен непријател на светот, сепак факт е дека и едните и другите имаа сопствени цели во Сирија.  

Соборувањето на авионот е само последен во низата настани кои го поттикнаа најсложениот судир во светот, смета Си-Ен-Ен, додавајќи дека конфликтот во Сирија се повеќе поприма карактеристика на светска војна. 

Сирискиот конфликт, кој трае повеќе од 4,5 години прерасна во „глобален вртлог на насилство и црна дупка која ги голта другите судири“. Секојдневно расте бројот на судирите и ривалствата кои влијаат на распламтување на борбите во тој дел на Левантот, создавајќи нови воени сили и се повеќе регрути.

Иако во Сирија се започна како судир меѓу продемократските активисти и силите на сирискиот претседател Башар ел Асад, тој сега прерасна во збир на конфликти меѓу разни вооружени групи - умерени против екстремисти, екстремисти против ултраекстремисти 

Целиот конфликт прерасна во судир меѓу шиитите и сунитите и меѓу Арапите и Иранциите. Либанскиот шиитски Хезболах, кој ја има поддршката на Иран, се бори против вооружените групи што ги поддржуваат арапските земји од Персискиот Залив, Фронтот ал Нусра, кој е огранок на Ал Каеда во Сирија, е во конфликт со ИД, курдските сили се борат против ИД и против сириската армија, а Турција војува со Курдите, недоволно решително се бори против ИД и инстинктивно тежнее кон смена на Асад од влсата, наведува телевизијата.     

- Во сето тоа има уште многу работи што би можеле да повлечат сериозни геополитички последици. Тука се Русија, САД и коалицијата против ИД, а наскоро и блокот на Франција за борба против ИД, заклучува Си-Ен-Ен.

Според телевизијата, Русија е присутна во Сирија не за да ја победи ИД, туку за да го спаси режимот на Асад, кој е традиционален руски сојузник. Од друга страна, Турција има две цели: сака да им ги скрши крилјата на Курдите, кои се стремат кон независност, но исто така и да го урне Асад од власта. 

- И додека целите на Турција се разликуваат од целите на нејзините сојузници од НАТО - особено затоа што Анкара воглавно ја игнорира ИД, која е непријател на Курдите - НАТО во голема мерка е согласен со неа кога е во прашање антипатијата кон Асад, смета Си-Ен-Ен.

Телевизијата оценува дека во игра е уште поголем геополитички влог, бидејќи Русија работи на уривање на угледот на САД на Блискиот Исток, давајќи му поттик на планот на Путин за провоцирање и пркосење на Вашингтон. 

Според Си-Ен-Ен, воочливо е дека овој пат САД одбиваат да се вклучат, бидејќи јавноста сака да остане надвор од конфликтот, велејќи дека „ова не е наша борба“. 

- Додека (американскиот претседател) Барак Обама се обидуваше да ги убеди САД дека нивните напори за уништување и деградирање на ИД носат резултати, Путин упати огромна воена сила во Сирија и на целиот конфликт му даде нова форма, смета телевизијата.

Си-Ен-Ен оценува дека Асад можеби беше на работ да ја загуби војната, но Путин сега се погрижи тоа да не се случи во скоро време, а по нападите на ИД во Западна Европа, зголемени се шансите за одржување на сирискиот претседател на власт. 

- Ове е само почеток. Секој во оваа борба има непријатели и пријатели на спротивните страни. Вака изгледа светската војна: чудни сојузници, спротивставени планови и сојузи формирани со одредена цел, смета Си-Ен-Ен.

Во „Сириската светска војна“ веќе се вклучени голем број земји. Лани САД формираа широка коалиција за борба против ИД од над 60 држави - од Јужна Кореја, до Австралија, кои во разчличен степен учествуваат во борбата прптив џихадистите. 

За тоа време ИД го прошири подрачјето на своето дејствување и создаде ограноци кои вршат напади врз цели ширум светот. Организацијата не само што контролира големи делови од Сирија и Ирак, туку нејзините следбеници се се повлијателни во Либија, на египетскиот Синај, во Нигерија и во други делови на Африка. Групите кои тврдат дека и се лојални на ИД контролираат територии од десетина илјади километри во повеќе земји, како Авганистан, Индонезија, Пакистан, Алжир и Филипините.

Во редовите на ИД се борат луѓе од различни националности, а меѓу жртвите на нападите на групата има Американци, Британци, Египќани, Јапонци, Корејци, Кинези и цивили од многу други националности.

Иако кога го користиме терминот „светска војна“ првенствено пред вид ги имаме двата воени судири од 20-от век, сепак сите карактеристики на актуелниот конфликт имаат одлика на војна од светски размери, се наведува во анализата на Си-Ен-Ен.