Свет
18. September 2018 - 11:29

Сириската војска по грешка собори руски авион: Гаѓале израелски Ф-16-ки, го погодија Илјушинот, 15 загинати

Руската војска соопшти дека исчезнатиот авион ИЛ-20 бил урнат од сирискиот систем ПВО С-200 и дека загинале сите 15 членови на екипажот.

Вчера вечер четири авиони на израелската авијација Ф-16 нападнаа мети во Латаки. Израеслките авиони се спуштија на мала висина и „создадоа опасна ситуација за другите авиони и бродови во регионот“, се наведува во соопштението на руската војска.

Војската додаде дека бродовите на француската морнарица како и рускиот авион ИЛ-20 бил во подрачјето на израелската операција.

„Израелските пилоти го користеле рускиот авион како штит и го означиле како мета за силите на сириската воздушна одбра.а Како последица на тоа ИЛ-20, кој има пресек на радарот значително поголен од Ф-16, бил погоден од проектил на ракетниот систем С-200“, стои во соопштението.

Руското министерство нагласи дека израелците знаеле дека рускиот авион е присутен на тоа подрачје, што не ги запрело „провокациите“. Израел исто така однапред  не ја предупредил Русија за планираната операција. Предупредувањето дошло минута пред почетокот на нападот, што „не оставило доволно време, рускиот авион да се премести во безбедно подрачје“, соопшти руската војска.

Израел засега не ги коментираше овие наводи.