Свет
21. April 2016 - 18:49

Сириската опозиција ги напушти мировните преговори во Женева

Сите членови на делегацијата на сириската опозиција до утре ќе ги напуштат мировните преговори во Женева, изјави западен дипломат.

- Сите членови на Високиот комитет за преговори ќе заминат од Женева денеска и утре. Делегација доби инструкции од главниот координатор Ријад Хиџаб, изјави неименуван извор.

Тој посочи дека заминувањето од Женева е тажно и оти тоа ќе биде грешка, како и дека тешко ќе биде делегацијата да се врати поради ситуацијата на теренот.

- Се уште се прават обиди да се убедат опозициските делегати да останат во Женева, но мали се шансите тоа да се случи, посочи неименуваниот дипломат.

Високиот комитет за преговори, кој е поддржан од западните држави, Турција и клучните арапски држави, како Саудиска Арабија, во понеделникот го прекина учеството во мировниот процес, но се согласи да преговара за технички прашања надвор од зградата на Обединети нации.