Свет
11. February 2016 - 10:40

Сириската криза главна тема на Минхенската безбедносна конференција

Околу 600 официјални претставници на државите од целиот свет од утре до недела ќе се соберат во Минхен на 52-та Безбедносна конференција, која годинава речиси целосно ќе биде посветена на изнаоѓање решение за кризата во Сирија.

Собирот, на кој е најавено присуство на околу 30 шефови на држави и влади и на 70-тина министри за надворешни работи или одбрана, ќе се оддржи под засилени безбедносни мерки во минхенскиот хотел „Баерише Хоф“.

Меѓу темите на овој најзначаен форум посветен на меѓународната безбедност ќе бидат војната во Сирија, европскиот одговор на бегалската криза и иднината на безбедносниот поредок во Европа.

Конференцијата се одржува во време на засилена офанзива на сириските владини сили против бунтовниците во реонот на Алепо, која се заканува да предизвика нов бегалски егзодус од Сирија. Според Обединетите нации од Алепо, град со 2,3 милиони жители, кон Турција веќе побегнале околу 50 илјади лица, а во наредниот период тоа би можеле да го сторат уште стотици илјади други.

- Денешните војни и кризи се поопасни и потешки од сите оние со кои се соочивме по Втората светска војна. Поради тоа од исклучителна важност е влијателните политичари собрани во Минхен да разговараат и за идеите за прекин на војните и зајакнување на меѓународниот поредок, изјави претседавачот на конференцијата Волфганг Ишлингер. 

Меѓу учесниците на Конференцијата се и јорданскиот крал Абдула Втори, претседателите на Полска и Украина, Анджеј Дуда и Петро Порошенко премиерите на Русија, Франција и Ирак, Дмитриј Медведев, Мануел Валс и Хајдер Ал Абади, американскиот државен секретар  Џон Кери  и министрите за надворешни работи на Русија и Франција, Сергеј Лавров и Лорен Фабиус.

Конференцијата заеднички ќе ја отворат шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер и министрите за одбрана на Германија и Франција, Урсула фон ден Лејен и Ив ле Дријан.

Според најавите од Минхен, на Меѓународната конференција ќе биде направен обид за заживување на мировните преговори меѓу сириската влада и опозицијата, што започнаа пред десетина дена во Женева под покровителство на Обединетите нации, но набрзо беа и прекинати..

Во пресрет на Конференцијата, попладнево во Минхен ќе се оддржи состанок на Меѓународната група за помош на Сирија, која ја сочинуваат 17 држави и три меѓународни организации.