Свет
22. February 2016 - 8:32

СИПРИ: Индија е најголем увозник на оружје во светот, а САД и Русија се главни доставувачи

Индија се уште е водечки увозник на оружје во светот, а САД и Русија доставуваат повеќе од половина од арсеналот во глобални размери, соопшти денеска Меѓународниот институт за истражување на мирот од Стокхолм (СИПРИ).

Како што јави ДПА, индискиот увоз на оружје во периодот меѓу 2011 и 2015 година изнесувал 14 проценти од вкупната сума во цел свет, што е двојно повеќе од второпласираната Саудиска Арабија. Меѓу петте водечки увозници на оружје се наоѓаат и Кина, Обединетите Арапски Емирати и Австралија.

Според извештајот на СИПРИ, испораките на оружје во светот во периодот од 2011 до 2015 година се зголемиле за 14 отсто во однос на периодот 2006-2010 година.

Податоците на институтот покажуваат дека 58 земји извезуваат оружје, а први на листата се САД и Русија, кои заедно доставиле повеќе од половина арсенал во светот во периодот 2011-2015 година.

САД, чиј дел од глобалниот извоз изнесува 33 проценти, им продавале оружје на 96 земји. Главни купувачи на американското оружје биле Саудиска Арабија, ОАЕ и Турција.

Русија испорачала една четвртина од оружјето на глобален план. Таа снабдувала 50 држави, како и бунтовничките сили во Украина, се наведува во извештајот на СИПРИ.

Индија, Кина и Виетнам добиле над половина од рускиот извоз.