Свет
2. May 2018 - 8:15

СИПРИ: Глобалните воени расходи во светот најголеми од времето на Студената војна

Глобалните воени расходи за 2017 година се зголемени до највисоко ниво од Студената војна. Водечки на листата се САД, Кина и Саудиска Арабија, се наведува во годишниот извештај на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на проблемите на мирот (СИПРИ).

Воените расходи во светот се зголемени за 1,1 отсто во однос на 2016 година и вкупно изнесуваат 1,73 илјади милијарди долари, јави ДПА.

Расходите за воени потреби се 2,2 отсто од глобалниот БДП или по 330 долари за секој жител на Земјата.

САД се „лидер“ со 610 милијарди долари, без измена во однос на 2016 година. Втора е Кина каде расходите се 228 милијарди долари, и бележи зголемување за 5,6 отсто во однос на 2016 година. Саудиска Арабија ја „поместила“ Русија на листата и е на третото место со расходи од 69,4 милијарди долари, зголемувајќи ги расходите за 9,2 отсто. По неа, во реонот на Блискиот исток е Иран (плус девет отсто) и Ирак (плус 22 отсто). Во тој дел од светот, делот во БДП користен за воени цели е највисок и изнесува 5,2 отсто. Ниту еден друг регион не потрошил за воени потреби повеќе од 1,8 отсто од БДП.

Воените расходи на Русија се намалени во 2017 година, првпат во изминатите 19 години за 20 отсто во споредба со 2016 година, на 66,3 милијарди долари. Намалувањето во воениот буџет на Руската Федерација е со 13,9 милијарди долари и е најголемо во светот за лани. Причината за тоа СИПРИ ја гледа во падот на цените на нафтата.

Државите од Западна и Централна Европа ги зголемиле воени расходи во 2017 година соодветно со 12 отсто и 1,7 отсто. Вкупните расходи на 29-те држави од НАТО биле 900 милијарди долари или 52 отсто од глобалните воени расхгоди. Индија ја потиснала Франција од петтото место со расходи од 64 милиајрди долари за воени цели (зголемување за 5,5 отсто).

Податоците на СИПРИ вклучуваат плати, расходи за операции, купување оружје и муниција, истражувачќка и развојна дејност, јави ДПА.